Го создадоа едно од најважните македонски дела, а по една година мистериозно починаа — 165 години од Зборникот на браќата Миладиновци
Само една година по објавувањето на Зборникот, браќата Миладиновци мистериозно починале во цариградските затвори под сѐ уште неразјаснети околности.
На 24 јуни 1861 година во Загреб излегол од печат Зборникот на браќата Димитар и Константин Миладинов, дело кое и ден-денес се смета за едно од најзначајните во историјата на македонското народно творештво.
Препорачано
Со ова капитално издание браќата Миладиновци успеале да сочуваат богат дел од усната традиција на македонскиот народ, собирана низ различни краишта на Македонија во средината на XIX век. Благодарение на нивната посветеност, денес се зачувани стотици народни песни, обичаи, преданија, пословици и други фолклорни богатства.
Речиси 600 македонски народни песни на едно место
Зборникот содржи вкупно 660 песни, од кои 584 се македонски, а покрај нив се објавени и свадбени и годишни обичаи, верувања, игри, преданија, гатанки, народни имиња и мал македонско-хрватски речник.
Најголемиот дел од песните биле собрани во Струга, Прилеп, Кукуш и Панаѓуриште, а значајна улога во нивното зачувување имале бројни народни кажувачи. Во предговорот на книгата се споменуваат Депа Кавајова од Струга и Ѓурѓа Котева од Прилеп како едни од најважните извори на народните песни.
Браќата Миладиновци во предговорот истакнуваат дека народното творештво претставува неисцрпен извор преку кој може да се запознае животот, чувствата и духовниот свет на народот.
Значајно дело на македонската преродба
Значењето на Зборникот одамна ги надминало книжевните рамки. Тој претставува едно од најважните дела на македонската преродба и еден од највредните документи за македонската народна традиција од XIX век.
Освен по собирачката дејност, Константин Миладинов останува запаметен и како автор на поемата „Т’га за југ“, која денес се смета за едно од најзначајните дела во македонската поезија и традиционално ги отвора Струшките вечери на поезијата.
Само една година по објавувањето на Зборникот, браќата Миладиновци починале во цариградските затвори под сѐ уште неразјаснети околности.


