Фото: Wikimedia Commons/Скриншот/Јутјуб

„Го земам твоето име како мое“: На денешен ден загина Кочо Рацин, поетот што ѝ подари бесмртност на саканата Раца

На 13 јуни 1943 година, на планината Лопушник кај Кичево, загина Коста Апостолов Солев – Кочо Рацин, еден од најзначајните македонски поети, писатели и револуционери. Иако живееше само 34 години, неговото дело остави трајна трага во македонската култура и книжевност.

Рацин е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во сиромашно грнчарско семејство. Поради тешките животни услови уште како млад бил принуден да работи, но тоа не го спречило да се посвети на литературата и општествениот ангажман. Освен поезија, пишувал проза, книжевна критика, историски и филозофски трудови.


Најголем белег остави со стихозбирката „Бели мугри“, објавена во 1939 година. Делото се смета за едно од најзначајните во современата македонска литература и е симбол на македонската поетска и културна самобитност.

Посебно место во животот на Рацин има Рахилка Фирфова – Раца, велешанката по која го добил својот најпознат псевдоним. Во текот на 1928 и 1929 година тој ѝ испратил 31 дописна картичка исполнета со стихови, размислувања и љубовни исповеди. Иако со години разменувале преписка, според сведоштвото на самата Раца, тие никогаш не воспоставиле вистинска љубовна врска, па дури ни не си ги чуле гласовите. Во една од картичките Рацин напишал: „Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност“. Подоцна, Раца ќе изјави дека зборовите од картичките останале длабоко врежани во нејзината душа.


Според истражувањата на проф. Весна Мојсова-Чепишевска, токму „Стихови и дописки до Раца“ и ракописната збирка „Антологија на болката“ ги претставуваат првите сериозни книжевни чекори на Рацин. Таа посочува дека љубовната лирика на поетот долго време останала во сенка на неговото подоцнежно творештво и на „Белите мугри“, иако претставува важен дел од неговиот творечки развој.

За чувствата што Рацин ги негувал кон Раца сведочела и самата Рахилка. Во разговор за документарниот филм „Музата на поетот“, таа изјавила дека картичките и зборовите што ги добивала од поетот останале длабоко врежани во нејзината душа. Иако никогаш не воспоставиле вистинска љубовна врска, таа велела дека чувствувала посебна топлина од сознанието дека токму нејзиното име станало дел од идентитетот на Кочо Рацин.

Во 2018 година, по повод 110 години од раѓањето на Рацин и 75 години од неговата смрт, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ за првпат пред јавноста изложи 31 љубовна картичка што тој ѝ ги испраќал на Раца. Картичките, кои се чуваат во Архивскиот фонд „Кочо Рацин“ при МАНУ, открија помалку позната страна од животот на поетот. Дел од нив биле адресирани до мајката на Раца, Цвета Фирфова, а некои содржат и стихови испишани со неговата крв. За преписката и за сеќавањата на Рацин зборува и самата Рахилка Фирфова Ѓоргова во документарниот филм „Раца“, снимен во 2001 година од авторите Данчо Стефков и Стоилко Андреевски, кој претставува едно од нејзините последни интервјуа.

Покрај книжевната дејност, Рацин бил активен и во комунистичкото движење, поради што повеќепати бил апсен и прогонуван. Во мај 1943 година им се приклучил на партизанските единици и станал уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат“. Само еден месец подоцна, на 13 јуни, бил смртно застрелан во близина на партизанската печатница на Лопушник.


Официјално, неговата смрт се води како несреќен случај, кога стражар отворил оган откако Рацин не одговорил на повикот за идентификација. Сепак, со децении постојат и сомневања дека станувало збор за намерно убиство, поради што околностите околу неговото загинување и денес остануваат предмет на дискусија.

По неговата смрт, делото на Рацин продолжи да живее. Неговата родна куќа во Велес е претворена во музеј, а неговото име го носат училишта, културни установи и литературни манифестации. Меѓу нив се и „Рациновите средби“, кои повеќе од шест децении го негуваат споменот на Рацин.

Македонскиот дизајнер и типограф Ласко Џуровски прави фонт според „ракописот-краснописот“ на Рацин

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот