Анте Поповски / Фото: Меѓународна поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ / antepopovski.mk

На денешен ден е роден Анте Поповски, од лекар до еден од најголемите македонски книжевници

На денешен ден, 3 јуни 1931 година, во живописното мијачко село Лазарополе е роден Анте Поповски – поет, есеист, публицист, препејувач и академик, чие име денес зазема особено место во македонската книжевност.

Основното образование го завршил во родното село, а гимназијата во Битола. Своето образование го продолжил на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што дипломирал во 1955 година. Кратко време работел како лекар во Дебар, но по објавувањето на својата прва стихозбирка „Одблесоци“ засекогаш ја напуштил медицината и се посветил на книжевноста и јавниот живот.

Анте Поповски со родителите Невена и Аврам во 1932 година / Фото: Меѓународна поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ / antepopovski.mk

Во текот на својата богата кариера извршувал повеќе значајни функции. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година и негов претседател во повеќе мандати, член на Извршниот совет на Македонија, директор на НИП „Нова Македонија“ и „Вардар филм“, потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство и претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Во 2001 година бил избран за член на Светската академија на поезијата на УНЕСКО со седиште во Верона, а на 10 мај 2002 година станал редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Анте Поповски како лекар во младоста / Фото: Меѓународна поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ / antepopovski.mk

Еден од столбовите на македонската поезија

Анте Поповски е автор на некои од најзначајните книги во современата македонска литература. Неговиот богат творечки опус ги вклучува „Одблесоци“, „Вардар“, „Самуил“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Родопис“, „Сина песна“, „Провиденија“ и „Света песна“.

Неговата поезија е нераскинлив дел од македонскиот идентитет. Иако длабоко втемелена во македонската историја, традиција и култура, таа истовремено ги отвора и универзалните прашања за човекот, времето и постоењето. Токму затоа Поповски денес се смета за еден од најзначајните македонски поети на 20. век.

Анте Поповски на Струшките вечери на поезијата 1966 година / Фото: Меѓународна поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ / antepopovski.mk

Во средиштето на творештвото на Поповски се наоѓа македонскиот јазик. За него зборот не бил само средство за изразување, туку темел на идентитетот и врската со корените.

Тој се чувствувал почестен што има можност да создава поезија на македонски јазик, кој го доживувал како „ѕвезден јазик“. Во неговото поетско сфаќање, македонскиот збор е истовремено и споменик, и татковина, и црква, и религија. Ако зборот е единствениот предок на еден народ, тогаш токму преку својата поезија Поповски постојано го потврдува и сведочи македонскиот духовен и културен континуитет.

Љубовта кон македонскиот јазик е присутна во секоја негова песна, а неговите стихови претставуваат трајно сведоштво за силата и убавината на македонскиот збор.

Анте Поповски со Јосип Броз Тито / Фото: Меѓународна поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ / antepopovski.mk

Награди и наследство

За своето творештво Анте Поповски добил бројни домашни и меѓународни признанија. Меѓу нив се наградите „Браќа Миладиновци“, „Кочо Рацин“, „Ацо Шопов“, националната награда „11 Октомври“, „Гоцева повелба“ и меѓународната награда „Premio Europa“.


Неговото име денес продолжува да живее и преку Меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, основана во 2018 година. Преку конкурсите и книжевните награди што се доделуваат во рамките на манифестацијата, се поттикнуваат нови поетски гласови и се продолжува афирмацијата на македонската поезија.

Анте Поповски почина во Скопје на 1 октомври 2003 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот