Го промени светот, никогаш не се ожени и умре сам во хотелска соба — неверојатната животна приказна на Никола Тесла
На денешен ден, на 10 јули 1856 година, во Смиљан е роден Никола Тесла – еден од најголемите пронаоѓачи и визионери во историјата, човекот чии откритија го поставија темелот на современиот систем за наизменична струја и го променија светот засекогаш.
Препорачано
Иако денес неговото име е симбол на генијалноста, животот на Тесла бил исполнет со големи успеси, финансиски падови, неостварени идеи и осаменост.
Син на православен свештеник
Никола Тесла е роден на 10 јули 1856 година во Смиљан, тогаш дел од Австриското Царство. Неговиот татко Милутин бил православен свештеник, а мајка му Георгина – иако немала формално образование – била позната по својата извонредна способност да изработува различни механички алатки, нешто што Тесла подоцна го наведувал како своја најголема инспирација.
Како дете покажувал исклучителен талент за математика и физика, а професорите често мислеле дека препишува затоа што сложените пресметки ги решавал напамет.
Студирал инженерство во Грац, но никогаш не дипломирал. Наместо академската титула, го избрал патот на пронаоѓачот.

Револуцијата со наизменичната струја
Во 1884 година се преселил во Соединетите Американски Држави, каде што кратко време работел за Томас Едисон. Нивната соработка брзо завршила поради несогласувања околу развојот на електричните системи.
Тесла верувал дека иднината е во наизменичната струја, додека Едисон упорно ја промовирал еднонасочната. Неговите патенти за повеќефазниот систем и индукцискиот мотор подоцна ги откупила компанијата „Вестингхаус“, со што започнала вистинската електрична револуција.
Покрај тоа, Тесла развил и бројни пронајдоци и идеи, меѓу кои се Теслиниот калем, далечинското управување, експерименти со безжичен пренос на енергија, како и истражувања што придонеле за развојот на радиото и рендгенската технологија. Во текот на животот добил околу 300 патенти во повеќе земји.

Живот посветен на науката
Никола Тесла никогаш не се оженил и сметал дека целосната посветеност на науката е една од причините за неговата креативност. Бил познат по своите необични навики, живеел повлечено, а последните години од животот ги минал во хотели во Њујорк, каде секојдневно хранел гулаби, кон кои имал посебна приврзаност.
Починал сам, на 7 јануари 1943 година, во хотелската соба во хотелот „Њујоркер“, на 86-годишна возраст. По неговата смрт, неговите документи и пронајдоци биле предмет на интерес на американските власти, а денес неговото наследство се чува во Музејот на Никола Тесла во Белград.
Иако за време на животот не секогаш бил соодветно признат, денес Никола Тесла се смета за еден од најголемите пронаоѓачи на сите времиња. Неговото име го носи меѓународната мерна единица за магнетна индукција – тесла, а неговите идеи и денес се темел на современата електротехника и технологија.


