„Возел цела ноќ по настап само за да спие дома во Крушево“ — ова е другарот на Тоше кој верно го чува неговиот спомен
Тој веќе речиси две децении тивко, но посветено го чува споменот на својот другар од детството, Тоше Проески.
Препорачано
Иако никогаш не сакал да биде во центарот на вниманието, неговото име им е добро познато на најверните почитувачи на Тоше, бидејќи токму преку неговите фотографии, сеќавања и лични приказни јавноста има можност да го запознае Тоше онаков каков што бил надвор од сцената – скромен, весел и искрен пријател. Станува збор за Стерули Штерјоски од Крушево, другар на Тоше од детството.
На неговите профили на социјалните мрежи се појавуваат ретки фотографии и видеа од нивната младост, како и емотивни објави со кои го одбележува секој важен датум поврзан со Тоше. За Стерули тоа не е само носталгија, туку животна мисија – споменот за неговиот пријател никогаш да не избледи.
Во повеќе интервјуа Стерули раскажувал дека славата никогаш не го променила Тоше. И кога настапувал на најголемите сцени во регионот, секогаш останувал истиот човек што растел по улиците на Крушево. Открил и дека Тоше сонувал за уште поголема меѓународна кариера и настап на фестивалот Санремо – желби кои, за жал, останаа неостварени.

Неговата улога во зачувувањето на споменот за Тоше е препознаена и надвор од Македонија. Стерули е еден од соговорниците во документарниот филм „Единствен: среќавање на Тоше“ (Jedini: Sećanje na Tošeta), каде што зборува за приватниот живот на својот долгогодишен другар и за нивното пријателство, кое започнало уште во детството.
Минатата година беше присутен и на отворањето на изложбата „Тоше во срцето на Хрватска“, каде што искрено призна дека и по 17 години болката не исчезнала.
„Како времето да застанало. Можам да ги слушам неговите песни, но не можам долго да го гледам на телевизија. Доволни ми се еден или два спота, потоа го гасам телевизорот“, изјави тогаш Стерули.
Стерули Штерјоски, заедно со уште неколку волонтери, ја среди улицата „Тодор Проески“ во Крушево. Тој е член на Управниот одбор на Спомен-куќата „Тодор Проески“ и е вклучен во организацијата на сите настани посветени на Тоше во нивниот роден град.
Каде и да имал концерт во регионот, колку и да завршувал доцна, на Тоше Проески не му било тешко и ноќе да вози по неколку часа, само за да стаса во своето родно Крушево. Тоше секој слободен миг сакал да го искористи за да биде дома, со семејството и со другарите.
Стерули за „Женски магазин“ раскажа каков бил Тоше кога доаѓал во Крушево – свој на своето. Неговата голема душа ја знаеле многу луѓе, но најдобро оние кои уште од деца растеле со него, како Штерјоски.
„Беше многу среќен што последната година успеа да остане два месеци дома. Еднаш, ми раскажа неговиот другар, пејачот Бојан Маровиќ, имал концерт во Цетиње, во Црна Гора. Организаторот на концертот имал обезбедено хотел и го молел по настапот да остане да се одмори. Концертот завршил во два часот по полноќ, а Тоше не сакал ни да слушне. Возел назад до Крушево, само за да преспие дома“, раскажа за „Женски магазин“ другарот на Тоше.


