„Малечок бев и уште не знаев дека плачат и возрасни“: Владо Јаневски три децении го пишуваше она што сите го чувствувавме
Владо Јаневски беше еден од нашите најдобри текстописци и за многумина неговите стихови беа „чекор во познат декор“ – љубовни приказни што секој ги чувствуваше како свои.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Речиси и да нема човек што барем еднаш не се пронашол во некоја негова песна. Ни даваше надеж во најтешките моменти со „Што и да е, ќе помине“, преболувавме стари љубови со „Ако не те сакам“, си создававме љубовна мапа на Скопје преку „Евергрин“, танцувавме до зори во диско на „Срце преку небото“, а безброј парови својот прв свадбен танц го одиграа токму со „Од овој ден“.
Но, зад сите тие стихови не постоеше рецепт за успех, бидејќи Јаневски веруваше дека песната не се создава „по нарачка“.
„Таа магија на пишување песни нема копче, нема нарачка. Кога не ти стигнуваат толку јаки емоции како во младоста, што е и нормално, на 62 години не може да ти се стресе душата трипати на ден кога ќе видиш згодна девојка. Ти си веќе човек на тие години кога љубовта се случува, но на други длабочини. Автоматски, се случуваат сѐ помалку љубовни приказни и материјалот од кој ние го ‘месиме нашето лепче’ е помал. Кога имав повеќе љубовни случувања, имав текстови и за Каролина, и за Тоше и за многу други. Сега гледам да напишам само нешто за себе“, изјави Јаневски во едно гостување во емисијата „Еден на еден“.
Тој тогаш напомена дека, за да напише песна некому, мора прво да ја запознае личноста.
„Пред да почнам да пишувам за некого, јас морам да го видам човекот, да знам како дише, за да му бидат автентични песните“, велеше тој.
Така настана и текстот за „Полско цвеќе“, песната што Тоше Проески ја компонираше и ја испеа, а за која самиот Тоше еднаш рече дека Владо му ги напишал најубавите стихови. Со Каролина Гочева, пак, ја создаде „Љубовта е моја религија“, еден од најубавите љубовни дуети на домашната сцена.
Во интервју за „Слободен печат“, можеби најдобро ја објасни врската што ја имаше со својата публика.
„Тие неколку часови во енергетска интеракција со илјадници души слични со мојата, се она што најмногу ме радува во животот. И по 35 години од денот кога првпат фатив микрофон во рака, секојпат без исклучок ми се случува таа магија што не се објаснува со зборови, кога јас си ја разголувам душата пред нив преку моите песни, а тие на свој начин ми праќаат повратна порака дека сме си слични и проаѓаме низ овој живот искусувајќи исти таги, радости, болки, разочарувања…“
На прашањето како успеал повеќе од три децении да остане еден од најомилените македонски музичари, одговорот повторно не го побара кај себе.
„Долготрајноста на мојата кариера не е моја заслуга, за тоа се ‘виновни’ оние што ги сакаат моите песни и доаѓаат на моите концерти. Тие направиле место во своите срца за таму да живеат моите ноти и зборови што им ги давам сите овие години.“
Веруваше и дека публиката секогаш знаела да го прочита она што никогаш не го кажувал директно.
„Мојата публика е многу интелигентна и знае добро да ги ‘дешифрира’ моите песни. Тие, читајќи меѓу стихови, дознаваат сѐ за мојот внатрешен живот, таги и радости…“
А токму преку тие стихови, Владо Јаневски ќе живее засекогаш во нашите мисли и сеќавања, вечно благодарни за наследството што ни го остави.


