Во сеќавање: Почина пејачот Владо Јаневски на 65-годишна возраст
Македонскиот пејач, композитор и текстописец Владо Јаневски почина вечерва на 65-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники, објавија повеќе македонски медиуми.
Препорачано
Јаневски е едно од најзначајните имиња на македонската поп-музика, а во текот на повеќедецениската кариера создаде голем број хитови, меѓу кои „Ако не те сакам“, „Евергрин“, „Дома си е дома“, „И тогаш некоја будала“, „Некогаш и негде“, „Црно тиквешко“, „Ова е наше Скопје“, „Не зори зоро“ и „Еден бакнеж“.
Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, а во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Покрај пеењето, свирел клавир, гитара и тапани.
Во 1998 година Владо Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде што во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.
Во текот на кариерата настапуваше на бројни домашни и меѓународни фестивали, меѓу кои Југовизија во Белград, „Славјански базар“ во Белорусија, како и фестивали во Турција, Ирска и Египет.
Зад себе остави шест студиски албуми: „Парче душа“ (1993), „Сѐ најдобро“ (1996), „Далеку е небото“ (1996), „Има нешто посилно од сѐ“ (2002), „Ваков или таков“ (2004) и „Повторно се заљубувам во тебе“ (2006).
Летово требаше да одржи концерт во Охрид, на 7 август. Како што дознава Слободен печат, Јаневски самиот го откажал овој голем настап пред својата публика во Антички театар.


