Мадона / Фото: Инстаграм/Мадона

ВИДЕО | „Ѝ љубоморев, поубава е од мене“: Мадона откри која пејачка ѝ била најголема конкуренција

Ниту кралицата на поп-музиката, Мадона, не е имуна на љубомора. Во ново интервју таа откри дека своевремено била „малку вљубена“ во својата колешка Кајли Миног, а воедно признала дека ѝ завидувала бидејќи сметала дека австралиската пејачка е неверојатно убава.

За ова и за многу други теми Мадона разговараше со водителот Греам Нортон во познатата лондонска концертна сала „Коко“, каде што гостуваше заедно со Миног.

Повод за разговорот беше доделувањето Eвропските музички награди на Ем-ти-ви во 2000 година, кога Мадона носеше маица украсена со циркони на која беше испишано името на Кајли Миног.

„Бев во мојата вестерн фаза, лепев циркони на сè и размислував за пејачките во кои бев малку вљубена. Секако, се сетив на Кајли и направив маица со нејзиното име“, се присети Мадона.

Миног откри дека тогаш била целосно изненадена од гестот.

„Немаше никаква најава. Не знам што направив во тој момент, веројатно за малку ќе се онесвестев. Беше неверојатно“, рече таа.

Во продолжение на разговорот, Мадона откри дека покрај восхитот чувствувала и љубомора.

„Всушност, бев малку љубоморна на тебе“, ѝ рече таа на Миног.

На прашањето на Греам Нортон зошто, Мадона одговори:

„Затоа што беше толку слатка. Си помислив: ‘Никогаш нема да бидам толку убава како Кајли’.“


Водителот ја искористи можноста и ги праша дали се вистинити гласините дека Кајли Миног гостува на новиот албум на Мадона, „Confessions II“, чие објавување е најавено за 3 јули.

Двете пејачки само се насмеаја и разменија погледи, без да ги потврдат или демантираат шпекулациите.

„Зошто мораш сè да знаеш? Баш си љубопитен“, низ смеа му одговори Мадона.

Нортон потсети и на нивниот заеднички настап за време на турнејата „Celebration“ во 2024 година, кога заедно ги изведоа песните „I Will Survive“ од Глорија Гејнор и хитот на Кајли „Can’t Get You Out of My Head“. Тогаш Миног возврати со ист гест и носеше маица со името на Мадона.

„Каков момент. Неизмерно уживав“, рече Кајли.

Таа откри и дека сè уште го чува дебитантскиот албум на Мадона од 1983 година.

„Не знам како заврши во нашиот дом. Дали сестра ми и јас имавме доволно џепарлак за да го купиме или го набавија нашите родители, не знам. Но, толку многу го слушавме што речиси го излитивме. Така почна сè, а трае и денес“, изјави Миног.

Новиот албум на Мадона, „Confessions II“, официјално ќе биде објавен на 3 јули.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот