Кети Пери / Фото: Profimedia

ФОТО | Кети Пери беше принудена да го откаже концертот во Белгија: „Немав избор“

Кети Пери беше принудена да го откаже својот настап на музичкиот фестивал „Верктер Бутик“ во Белгија, само неколку часа пред да излезе на сцената.

Четириесет и едногодишната пејачка требаше да биде главната ѕвезда на еднодневниот фестивал што се одржа вчера, но организаторите донеле одлука настанот да заврши порано поради најавите за силно невреме и грмотевици.

Кратко по соопштението, Пери им се обрати на обожавателите преку Инстаграм и откри дека веќе била зад сцената и се подготвувала за концертот кога ја добила веста.

„За жал, мојот настап на ‘Верктер Бутик’ вечерва не може да се одржи поради одлука на надлежните власти, донесена поради невремето што се приближува и безбедноста на публиката“, напиша пејачката.

„Бев зад сцената и се подготвував кога ми ја соопштија оваа одлука. Немав никаков избор. И јас сум исто толку разочарана како и вие.“

Таа нагласи дека ситуацијата била целосно надвор од нејзина контрола и ги повика фановите безбедно да си заминат дома.

„Жал ми е што не можам да го сменам времето, а уште повеќе ми е жал што вечерва нема да бидеме заедно. Ве сакам сите и ве молам вратете се дома безбедно“, порача таа.

Пери сподели и фотографија на која седи разочарано зад сцената, додека нејзиниот сценски костим стои покрај неа.

Фото: Инстаграм/Кети Пери

Дополнително откри дека за овој настап подготвила специјално изненадување – сакала повторно да го облече истиот костим што го носела на својот настап на фестивалот во 2009 година.

Организаторите соопштија дека фестивалот завршил во 21 часот, веднаш по настапот на Питбул, наместо по концертот на Кети Пери, кој требало да започне во 22 часот и да трае 90 минути.

Одлуката била донесена по консултации меѓу безбедносниот тим, локалните власти и организаторите, со цел посетителите навреме и безбедно да го напуштат фестивалскиот простор пред пристигнувањето на силното невреме.

„Безбедноста и здравјето на сите присутни секогаш се наш најголем приоритет“, порачаа организаторите.

Кети Пери во моментов е на европска фестивалска турнеја, а во наредните недели ја очекуваат настапи во Велика Британија, Франција, Шпанија, Германија и Италија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот