„Глумиме лудило дека е сѐ како што треба“: Познатите се простуваат од Владо Јаневски
Македонската јавност е во шок и тага по веста за смртта на Владо Јаневски, еден од најзначајните кантавтори на домашната музичка сцена.
Препорачано
Владо Јаневски почина вечерва на 65-годишна возраст, по кратко боледување, на една од скопските клиники, објавија повеќе македонски медиуми.
Неговото заминување предизвика бројни реакции од колеги, пријатели и јавни личности, кои преку социјалните мрежи се простуваат од него.
Меѓу првите што се огласија беа Бобан Милошески и продукција „Авалон“, кои напишаа: „Владо, ако нема некогаш и негде, ништо не си изгубил. Остануваме овде, ние, секој ден да глумиме лудило, дека е сѐ како што треба, а ништо не е и нема да биде без сите вас, кои вака тивко, а пребрзо си одите! Значи, Владо, некогаш и негде! Биди раат.“
Пејачката Ана Костадиновска се прости со зборови полни со емоции и почит: „Делевме проба повеќе од 20 години. Фраериште! Светол пат, Владе мој.“
Почит кон Владо Јаневски изрази и менаџерот Владимир Мандичевски – Манде.
Со емотивна објава се огласи и Слаткаристика, кој истакна дека македонската музика загуби големо име: „Замина Владо Јаневски, еден од најголемите македонски поети на 21 век. Неговите стихови и песни ќе живеат засекогаш. Вечна му слава.“
Од „Прагма продуција“ исто така упатија последен поздрав: „Почивај во мир, драг наш Владо…“
И Тамара Тодевска се прости од Владо Јаневски преку социјалните мрежи.
„Почивај во мир драг Владо“, напиша Тамара споделувајќи на објавата на „Слободен печат“.
Со својата музика, стихови и безвременски хитови како „Некогаш и негде“, „Евергрин“, „Ако не те сакам“ и многу други, Владо Јаневски остави неизбришлива трага во македонската музичка историја. Неговото творештво ќе продолжи да живее преку генерациите, а споменот за него ќе остане вечен.
Роден е на 27 ноември 1960 година во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет, на Катедрата за англиски јазик и книжевност, а во текот на кариерата бил член на музичките групи „Тост сендвич“, „Бон Тон“, „Фотомодел“ и „Ластовица“. Покрај пеењето, свирел клавир, гитара и тапани.
Во 1998 година Владо Јаневски стана првиот официјален претставник на Македонија на Изборот за песна на Евровизија, каде што во Бирмингем настапи со песната „Не зори зоро“.


