Фото: Canada Soccer

ВИДЕО | Канада во судиското продолжение го скрши отпорот на Јужна Африка за осминафинале на Мундијалот

Со натпреварот меѓу Јужна Африка и Канада во Инглвуд официјално започна нокаут-фазата на Светското првенство, а Канаѓаните со гол во судиското продолжение обезбедија место во осминафиналето.

Канада уште од самиот почеток ја презеде иницијативата и создаде неколку одлични можности, но на голот на Јужна Африка блескаше извонредниот Вилијамс, кој долго време беше несовладлива пречка за канадските напаѓачи.

Првата голема шанса Канада ја имаше во 21. минута, кога Корнелиус остана осамен по прекин, но неговиот удар од непосредна близина го одбрани Вилијамс. Непосредно пред паузата следуваше вистинска опсада на голот на Јужна Африка. Најпрво Бомбито шутираше со глава, Модиба ја исфрли топката од гол-линијата, а во продолжението од акцијата Вилијамс со фантастична интервенција го запре ударот на Бјукенан.

Ниту Јужна Африка не беше безопасна. Африканската селекција се закани преку Мокоена и Олувасеји, но мрежите останаа мирни по првите 45 минути.

Во второто полувреме продолжи истата слика на теренот. Канада напаѓаше, а Вилијамс продолжи да брани во неверојатен ритам. Во 65. минута Олувасеји излезе сам пред канадскиот голман, кој излезе како победник од дуелот, а тринаесет минути подоцна Вилијамс повторно блесна, откако одбрани чиста шанса на Џонатан Дејвид.

Јужна Африка се обидуваше да се закани преку брзи противнапади и удари од далечина, а најопасен беше Аполис, чии силни удари во 63. и 84. минута со големи напори ги скроти голманот на Канада. Кога веќе изгледаше дека натпреварот ќе замине во продолженија, во првата минута од судиското надополнување пристигна моментот на одлука.

Топката дојде Стивен Еустакио, кој од повеќе од дваесет метри испрати прецизен удар во аголот на голот. Овојпат ниту одличниот Вилијамс не можеше да реагира, па топката заврши во мрежата за голема радост на Канаѓаните.

Со минималната победа од 1-0, Канада заслужено обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство, додека Јужна Африка, и покрај извонредната партија на својот голман, го заврши настапот на Мундијалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот