ВИДЕО | Мицкоски на чествувањето на споменот на Ѓорче Петров: Доста бевме македончиња, да бидеме Македонци!

Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното обраќање по повод 105-годишнината од убиството на Ѓорче Петров, одржа говор во кој правеше паралели меѓу времето во кое живеел револуционерот и Македонија денеска, со бројни пораки за работа, обединување и просперитет во сите области. Петров бил убиен на 28 јуни 1921 година во Софија.

-Кога ќе се погледне животниот пат на Петров може да се забележи дека тој никогаш не избирал лесен пат. Како млад учител ја разбрал големината на историскиот момент во кој живеел и сфатил дека Македонија нема да ја промени својата судбина сама од себе, туку само ако се појават луѓе подготвени да ги стават своите животи, своето знаење и кариера во служба на еден повисок идеал. Затоа се приклучува на внатрешната македонска револуционерна организација а многу брзо станува еден од нејзините најзначајни идеолози и организатори, човек на кого му биле доверувани најодговорните задачи. Затоа што неговите соборци знаеле дека зад неговите зборови секогаш стојат чесност, одговорност и длабока љубов кон Македонија, рече Мицкоски.

 

-Тој верувал дека народ кој си ја познава својата историја никогаш не дозволува некој друг да му ја пишува. Она што посебно ја издвојува неговата личност е неговата чесност. Тој е познат како човек кому без двоумење му се доверувале најголемите одговорности, а со средствата на организацијата се однесувал како кон најголема светиња зашто знаел дека тие средства се обезбедени со огромни жртви и му припаѓаат на народот. Тој е пример кој денес има силна порака зашто довербата е највредниот капитал што може да го има еден човек, а чесноста е најсилниот темел врз кој се гради една држава. Животот на Ѓорче Петров ни покажува голема вистина – големите луѓе не се мерат колку биле популарни во своето време, туку по тоа колку нивните идеи продолжуваат да живеат по нивното заминување. Денес неговото име се изговара со почит зашто тој не барал лична слава туку се борел за националната кауза која е поголема од секој поединец, додаде Мицкоски.

Тој посочи дека историјата има вредност само кога ќе се препознаат поуките што ги остава.

-Ако денес зборуваме само за минатото, а не за иднината, тогаш не сме ја исполниле нашата должност кон оние што ја создавале оваа наша заедничка Македонија. Кога го спомнуваме Ѓорче Петров треба да се запрашаме што значи неговата борба за нашата генерација? Нашата генерација нема задача да создава револуционерни организации и да води ослободителни војни како неговата генерација. Нашата задача е да изградиме Македонија која ќе биде достојна за нивната жртва, каде младите ќе сакаат да останат, ќе се отвораат фабрики, училишта и болници. Каде институциите ќе бидат силни, правдата ќе биде еднаква за сите а успехот ќе зависи од трудот а не од привилегираните. Денес патриотизмот не се мери со големи зборови туку со резултати, рече премиерот.

Според него, современиот патриотизам е борба против корупцијата, создавање економски можности и задржување на младите во Македонија.

-Неговиот живот не потсетува дека Македонија секогаш била најсилна кога Македонците биле обединети околу своите национални интереси. Историјата ни покажува дека секоја поделба ја чинела оваа земја многу, а секое обединување носело нова сила и надеж. Затоа денес повеќе од кога било имаме обврска да разговараме повеќе, да се почитуваме повеќе и кога станува збор за националните интереси да покажеме зрелост, достоинство и чувство за заедничка одговорност. Македонија има потреба од самодоверба, доста бевме македончиња, треба да бидеме Македонци. Има потреба од народ што верува во своите способности. Има потреба од институции што работат, економија што создава вредност, образование што создава знаење а не просечност. Тоа е суштината на делото на Ѓорче Петров – да се сака Македонија доволно силно за секој ден да се работи на нејзиниот напредок, да се биде мудар и чесен, истраен кога изгледа дека целта е далеку, рече премиерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот