Новиот македонски репрезентативец Стјуарт потпиша за евролигаш
Натурализираниот македонски репрезентативец Дивејн Стјуарт и официјално е нов кошаркар на Басконија, откако шпанскиот евролигаш го потврди неговиот ангажман.
Препорачано
Стјуарт, кој во изминатите три сезони настапуваше за Олимпија Љубљана, стави потпис на двегодишен договор и ќе претставува значајно засилување за клубот од Виторија, кој и следната сезона ќе се натпреварува во Евролигата.
Официјализацијата на трансферот беше одложена сè додека кошаркарот не добие македонско државјанство. Со тоа Басконија ќе може да го регистрира како играч со европски пасош, без да зафаќа место предвидено за кошаркари надвор од Европа.
Во дресот на Олимпија, Стјуарт настапуваше на четири фронта и имаше важна улога во освојувањето на двојната круна во словенечката кошарка. Покрај домашните натпреварувања, играше и во АБА-лигата и Еврокупот, а трансферот во Басконија ќе му овозможи за првпат во кариерата да настапува во Евролигата.
Новиот македонски репрезентативец веќе оваа недела ќе го има своето деби во националниот тим. Македонија на 2 и 5 јули ќе се соочи со Ирска и Луксембург во претквалификациите за Европското првенство, а Стјуарт се очекува да биде едно од главните засилувања во составот.
✍️ Dewayne Stewart Jr, primera pieza del nuevo Kosner Baskoniahttps://t.co/hpBQKBlFLP
Ongi etorri, DJ! 🔵🔴 pic.twitter.com/ybP1x9QapJ
— Kosner Baskonia (@Baskonia) June 28, 2026


