Поранешен полуфиналист на Вимблдон го заврши настапот во првото коло
Канадскиот тенисер Денис Шаповалов го заврши учеството на овогодинешниот Вимблдон веќе во првото коло откако загуби со 0:2 во сетови од Пабло Карењо Буста.
Препорачано
Шаповалов е инаку поранешен полуфиналист на Вимблдон, во 2021 година на претпоследната пречка загуби тогаш од Србинот Новак Ѓоковиќ кој подоцна го освои турнирот.
Шаповалов доживеа повреда на рамото, поради што мораше да го заврши мечот предвреме, по помалку од два часа игра. Карењо Буста во тој момент водеше со 2:0 во сетови (6:3, 7:6).
Шпанецот ќе игра во второто коло против сонародникот Рафаел Ходар, кој лесно (3:0) го победи домашниот претставник Феликс Жил (6:3, 6:3, 7:5).
Пласман понатаму обезбеди и Американецот Џенсон Бруксби кој со 7:6 (7), 6:1 и 6:1 го елиминираше Австралиецот Александар Вукиќ.
На првиот ден уште еден тенисер предвреме го предаде мечот, при водство од 6:3 и 4:0 за Унгарецот Мартон Фучович, настапот го заврши Французинот Лука ван Аш. Победи забележаа и Јапонецот Шинтаро Мочизуки, Американецот Томи Пол, Холанѓанецот Ботик Ван Де Зандшулп и Игнасио Бусе од Перу.
Во женска конкуренција Белинда Бенчиќ Швајцарката со 6:2 и 6:1 триумфираше против Мика Стојсављевиќ од Велика Британија.
Четвртата носителка на турнирот, Џесика Пегула од САД со 7:5 и 6:3 ја совлада Дарја Видманова од Чешка. Пегула во следното коло ќе игра против Сара Сорибес Тормо од Шпанија која со 6:2 и 6:3 ја елиминираше Викторија Хименез Касинцева (Андора).
Уште една Американка оди во следната фаза откако Ива Јовиќ со 7:6 (1) и 6:0 оствари триумф против Жакелин Кристиан од Романија.
Изненадување приреди 164 тенисерка на ВТА, Мананчаја Савангкаев од Тајланд која со пресврт (2:6, 7:5, 6:2) ја совлада 21 тенисерка во светот, Маја Хвалинска од Полска.


