Половина чекор до ЕУ, цела вечност до членство
Идејата се претставува како начин да се одржи европската перспектива жива, додека критичарите предупредуваат дека тоа може да стане нова форма на трајна чекалница за Западен Балкан. За Македонија, дилемата останува иста: дали постепената интеграција е мост кон ЕУ или само половина чекор што го одложува вистинското членство.
Земјите кандидати за членство во Европската Унија би можеле да добијат дел од европските придобивки уште пред формално да станат членки, според новиот план што се подготвува во Брисел.
Препорачано
Идејата е процесот на проширување да не остане само во фаза на долго чекање политичка одлука, туку кандидатите што спроведуваат реформи постепено да добиваат пристап до економски механизми, фондови и делови од единствениот европски пазар.
Повод за новата дебата е текстот на „Политико“, кој објави дека Европската комисија бара модел со кој земјите што сакаат да бидат дел од европското семејство ќе останат блиску до Унијата и пред полноправното членство.
Според објавата, владите во ЕУ разгледуваат начин како да го забрзаат процесот на проширување, без притоа да се намалат критериумите за прием.
Планот, како што се наведува, е дел од концептот за постепена интеграција.
Наместо земјите кандидати да чекаат до крајот на пристапниот процес за да добијат конкретни придобивки, Брисел разгледува модел во кој напредокот во реформите би се наградувал со поголем пристап до европските програми, фондови и делови од единствениот пазар.
Без право на глас
Според информациите што ги пренесува „Политико“, новиот модел би се засновал на принципот „повеќе за повеќе“. Земјите што ќе покажат поголем напредок во реформите и во усогласувањето со европските стандарди би добивале поголем пристап до програмите и механизмите на ЕУ.
Меѓу можните придобивки се споменуваат пристап до делови од единствениот европски пазар, учество во европски програми, економска поддршка, повластени трговски односи и користење на одредени европски инструменти уште пред формалното членство.
Идејата е земјите кандидати да не чекаат со години без видлив резултат, туку процесот да носи конкретни ефекти и пред крајната одлука за прием.
Но моделот не значи полноправно членство. Земјите кандидати би можеле да добијат економски и институционални придобивки, но не и целосен политички статус во Унијата. Тоа значи дека би биле поблиску до европскиот систем, но без правата што ги имаат земјите членки, особено кога станува збор за носење одлуки.
Во објавите за предлогот се наведува дека Франција и Германија поддржуваат слични идеи за ограничена или постепена интеграција на земјите што се соочуваат со долг пристапен процес. Целта е да се најде политички прифатлив механизам и за кандидатите и за земјите членки: кандидатите да добијат видлив напредок, а ЕУ да не го отвори прашањето за прием пред да бидат исполнети сите услови.
Според неофицијалниот документ претставен од Франција и Германија на Самитот во Тиват на почетокот на јуни годинава, исполнувањето на одредени критериуми за прием би било наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со можност за испраќање набљудувачи во европските институции.
Мост наместо чекалница
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Форумот во Дубровник се осврна токму на овие иницијативи за постепена интеграција на земјите кандидати во Европската Унија.
Тој оцени дека тие можат да бидат значајна алатка, но само доколку претставуваат мост кон полноправно членство.
– Доколку новиот модел на постепена интеграција претставува мост кон полноправно членство, тогаш ќе биде исклучително корисен. Но, мора да внимаваме да не стане алатка која ќе создаде трајна чекалница без врата кон целосно членство – изјави Муцунски.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, потсети дека на самитот во Тиват со германскиот канцелар Фридрих Мерц и со францускиот претседател Емануел Макрон разговарал за можностите да се даде поттик за европскиот пат на земјите од Западен Балкан.
Според Мицкоски, сегашниот модел на евроинтеграции не ги зема доволно предвид различните позиции во кои се наоѓаат земјите од регионот. Тој посочи дека една од можностите е поголем фокус на Реформската агенда и на Планот за раст.
– Можеби е доволно да се најде некој друг механизам како Реформската агенда или Планот за раст, па на тој начин, практично да се даде поттик и поддршка на земјите од Западен Балкан. Тоа беше мојот предлог што го дадов на тие билатерални средби и мислам дека предизвикав внимание – изјави Мицкоски.
Премиерот рече и дека не очекува промена на рамката за евроинтегративниот пат на Македонија, но посочи дека предлогот на Франција и Германија може да го забрза интегрирањето.
„Нишај го возот“
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ваквиот предлог за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ го смета за „залажување“.
– Станува збор за модел кој никогаш не е усвоен од Европската Унија и тој модел не е официјален. Предлогот е даден од две земји членки на ЕУ како начин на залажување на земјите од Западен Балкан и премостување на почетокот на преговорите со Молдавија и со Украина – објаснува Пекевски.
Тој смета дека новата политика на ЕУ оди кон правецот „нишај го возот за да изгледа дека се движи“.
– Македонија нема да стане членка на ЕУ и тоа е повеќе од јасно. Реално, со корупцијата којашто владее и криминалот кој е речиси државна политика, воопшто и не заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Пак ќе кажам, оваа политика на ЕУ е „нишај го возот за да изгледа дека се движи“, бидејки за сите одлуки треба сите да гласаат без да има вето, што е речиси и невозможно – порачува Пекевски.
Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ


