Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Волците ѝ го гризнаа јазикот на директорката на Зоолошка?

Додека се „прпелкаат“ што и како да кажат, го избираат молкот, кој најдобро говори дека транспарентноста со која градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се фалеше во предизборието, се практикува само за теми што тој сака да ги сподели со јавноста и во доза што тој смета дека е доволна.

Бели волци избегале од живеалиштето и нападнале и усмртиле други животни во Зоолошката градина во Скопје, по што вработените со часови ги заловувале и ги вратиле назад.

Оваа шокантна вест беше обелоденета уште во четвртокот, но не од Зоолошката, не од Град Скопје, туку на социјалните мрежи од активисти и љубители на животни.

Оттогаш досега двете надлежни институции ЗОО Скопје и Град Скопје ги нема ниту да „зуцнат“ околу настанот што сериозно ги вознемири граѓаните и кои очекуваат одговор – така било или не? Но, како што досега повеќепати се покажало, нема побрза реакција од институциите отколку кога треба нешто да демантираат, па ако не се случил овој сериозен инцидент, досега стопати ќе негираа.

Вака, додека се „прпелкаат“ што и како да кажат, го избираат молкот, кој најдобро говори дека транспарентноста со која градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се фалеше во предизборието, се практикува само за теми што тој сака да ги сподели со јавноста и во доза што тој смета дека е доволна.

Овој пат станува збор за случај што сериозно го става под прашање функционирањето на Зоолошката градина и нејзиното менаџирање. Што е уште побитно – безбедноста на секое дете и на секој човек што ќе стапне на овој простор.

Претпоставка е дека волците избегале од живеалиштето во период кога во градината немало посетители, затоа што, во спротивно, ќе се случеше незамислива катастрофа. Особено што волците според снимките што ги објави „Анима Мунди“, биле сместени во простор ограден со жица, а онаму каде што жицата била оштетена, со парче пластифицирана ткаенина. Па, така, и не им требало многу да копаат за да излезат и да направат масакр низ градината.

Ја проверува ли некој состојбата на живеалиштата на животните во ЗОО? Има ли камери, чувари, вработени што се грижат за нешто повеќе отколку за исхрана на животните? Има ли некој протокол при посетата на ЗОО? Се грижи ли некој за безбедноста на посетителите, гарантира ли некој за безбедноста? Има ли некој што се чувствува одговорен за ова што се случи и дали ќе одговара за тоа?

Можеби градоначалникот Ѓорѓиевски и в.д. директорката на Зоолошка, Катерина Костова, мислат дека и ова ќе помине како „секое чудо за три дена“. Дека ќе се одвлекува вниманието со објави од типот – во завршна фаза мега-паркот во Бутел, игралишта во средни училишта, одгасување на „Вардариште“… Тоа е она што го објавува Ѓорѓиевски во изминативе денови откако се врати од Израел.

Нема да заборавиме на случајот! Нема додека не се одговори како е можно да се случи ваков пропуст. Нема додека не се одговори кој ќе одговара за случајот! Нема додека не се направи комплетна истрага и додека не се проверат сите живеалишта. А дотогаш вратите на ЗОО треба да бидат затворени!

Крајно време е да се појави и в.д. директорката Костова пред граѓаните. Да не ѝ го „гризнале јазикот“ избеганите волци, па си ќути и трае? Нејзина работа е да ја менаџира градината. Еве, по шесте месеци в.д. директорување, продолжен ѝ е мандатот затоа што имало јавен оглас за директор, но не бил направен избор. Па, како што велат од Град Скопје, таа продолжува да работи до новиот јавен оглас за да се обезбеди непречена работа на Зоолошката. За која работа е, всушност, наградена со продолжен мандат?

Скопската Зоолошка градина годинава слави еден многу значаен јубилеј – 100 години постоење. Но, наместо настани со кои ова ќе се одбележи и ќе привлече уште повеќе посетители, ние се соочуваме со избегани волци. И не е само овој настан тој што загрижува. Во изминатите години умреа еден куп животни, нема повеќе жирафи, се колеа коњи, беа отруени животни, Зоолошката повеќе не е ниту кандидат за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми – ЕАЗА.

Срамно е и жално ова што се случува во, до пред некоја година, најпосетената институција во државата. Време е и за одговори и за одговорност!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот