Застојот кон ЕУ отвора простор за Москва, Пекинг и лажните наративи
Европскиот парламент предупредува дека забавениот пристапен процес ја зголемува ранливоста на Северна Македонија на дезинформациски кампањи и странски влијанија, додека разочараноста кај граѓаните создава простор за алтернативни политички наративи.
Македонија останува цел на операции со странско злонамерно влијание, пред сè од Русија и Кина, преку дезинформациски кампањи, медиумски посредници и наративи насочени кон поткопување на довербата во Европската Унија и демократските институции. Во исто време, процесот на пристапување кон ЕУ се одвива забавено, а кај дел од јавноста расте разочарувањето од долгото чекање, нотираше Европскиот парламент во последниот извештај за напредокот на Северна Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц.
Препорачано
Во овој контекст посебен акцент е ставен на таблоидите и на медиумите на српски јазик, кои, како што е наведено, функционираат како регионални засилувачи на наративите на Кремљ и имаат значително влијание во јавниот простор. Во Извештајот се укажува и на континуирано присуство на тајни мрежи на влијание, имајќи предвид дека во периодот од 2018 до 2023 година државата протерала 13 руски дипломати поради активности некомпатибилни со нивниот дипломатски статус.
Европскиот парламент забележува и странско влијание од Кина, која, како што се наведува, се обидува да го прошири своето влијание преку контрола на информациите, инвестициска дипломатија и преку услови во договорите за инфраструктурни заеми. Дополнително, се посочува дека одредени кинески дипломатски субјекти финансирале платени содржини и мислења во македонските медиуми без јасно означување.
Во извештајот се потсетува и на анализа од 2023 година, според која руски државни актери користеле српски медиумски посредници за ширење на наративи непријателски кон НАТО и за тврдења дека ЕУ врши притисок врз Северна Македонија да се откаже од својот идентитет. Европскиот парламент додава дека речиси 50 отсто од граѓаните на Северна Македонија прифатиле лажни наративи поврзани со меѓународни настани, особено во контекст на војната во Украина, што ја нагласува потребата од зајакнување на општествената отпорност кон манипулација со информации.
Застојот на европскиот пат ги зајакнува странските влијанија
Во меѓувреме, Македонија, не спроведувајќи ја Преговарачката рамка со ЕУ, односно неисполнувајќи го условот за уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот, што е нагласено и во Извештајот на Вајц, не напредува на европскиот пат. Тоа дополнително создава простор за ширење дезинформации и зајакнување на странските влијанија што според комуникологот Сеад Џигал, не се случува затоа што граѓаните нужно ги прифаќаат таквите пораки, туку затоа што во услови на неизвесност и фрустрација се отвора простор за алтернативни толкувања на политичката реалност.
– Во комуникологијата постои принцип дека информациските вакууми ретко остануваат празни, па така тој вакуум го пополнуваат различни актери кои нудат свои интерпретации за настаните и нивните причини. Во такви околности дезинформациските наративи стануваат поефикасни бидејќи се надоврзуваат на реално постојно чувство на разочараност. Важно е, сепак, да се нагласи дека критиката кон ЕУ или разочараноста од процесот не треба автоматски да се поистоветуваат со дезинформации. Демократските општества подразбираат легитимна јавна дебата. Проблемот настанува кога реалните фрустрации се користат за ширење лажни тврдења, манипулативни наративи или за поткопување на довербата во институциите кои ги водат овие процеси – вели Џигал.
Кога нема напредок, дезинформациите лесно наоѓаат публика
Според него, чувството на разочараност и замор од процесот на проширување влијае врз перцепциите на граѓаните и ја зголемува подложноста на наративи дека ЕУ нема вистинска намера да ја интегрира земјата.
– По неколку децении европски интеграции, сосема е очекувано да се појави „замор од интеграцијата“, и од двете страни. Од комуникациски аспект, луѓето полесно прифаќаат пораки што се вклопуваат во нивното лично искуство. Ако граѓаните долго време слушаат дека членството е блиску, а потоа повторно се појавуваат нови пречки, тогаш наративите од типот „ЕУ никогаш нема да ја прими Македонија“ добиваат поголема убедливост, без разлика дали се фактички точни или не. Токму затоа, најголемиот ризик не е само падот на поддршката за конкретна политика, туку постепеното еродирање на довербата во институциите и во самиот концепт на европска интеграција. Кога граѓаните почнуваат да веруваат дека процесот е однапред осуден на неуспех, тогаш расте влијанието на алтернативни политички наративи кои нудат свои објаснувања – додава тој.
Сепак, истражувањата во регионот покажуваат дека, и покрај периодичните падови на ентузијазмот, поддршката за членство во ЕУ останува релативно висока во споредба со другите геополитички алтернативи.
– Тоа укажува дека разочараноста не значи нужно отфрлање на европската идеја, туку пред сè растечко незадоволство од динамиката и предвидливоста на самиот процес. Затоа најдобар одговор на дезинформациите не е само нивно демантирање, туку и создавање поголема транспарентност, предвидливост и јасна комуникација околу европскиот процес. Кога постои недостиг од доверливи информации и видлив напредок, дезинформациите полесно наоѓаат публика. Кога процесот е јасен и разбирлив, нивното влијание нужно се намалува – заклучува Џигал.
Украина и Молдавија официјално ги започнаа пристапните преговори со ЕУ


