Почна масовна проверка дали државната помош за животна средина во 2025 година била незаконски делена
Комисијата за заштита на конкуренцијата почна масовна проверка која ќе трае наредните 18 месеци, поради сомнеж дека милиони евра државна помош од буџетот на Македонија за 2025 година за проекти за животната средина и просторното планирање била незаконски доделена.
Препорачано
Во периодот кој се испитува, министер за животна средина беше Изет Меџити. Помошта била доделена од Програмата за инвестирање во животната средина и просторно планирање за 2025 година, тешка 14 милиони евра, но непознато е колкава е сумата за која постои сомнеж дека е незаконски доделена државна помош.
Сомнежот дека парите се доделени незаконски за Комисијата произлегол кога во 2026 година, дознале дека претходната година државната помош била доделена без нивното задолжително решение со кое ги дозволуваат мерките опишани во програмата за доделување на државната помош. Со други зборови, Комисијата за заштита на конкуренцијата тврди дека била „прескокната“ и формално не донела решение со кое ги дозволува предметните мерки.
Од Министерството за животна средина за „Слободен печат“ велат дека откако го примиле заклучокот од Комисијата на 10 јуни годинава, веднаш пристапиле кон обезбедување на сите дополнително побарани информации и документација.
Истите ќе бидат доставени во утврдениот рок, односно најдоцна до 10.07.2026 година, во целосна координација и комуникација со Комисијата за заштита на конкуренцијата. Во однос на наводите содржани во резимето на Комисијата, Министерството останува посветено на целосна соработка со Комисијата и на обезбедување на сите потребни информации за правилно утврдување на фактичката состојба. Во 2025 година, преку предметната програма се доделени вкупно околу 29 милиони денари. Од нив, 1 милион и 650 илјади денари се доделени на седум компании – правни субјекти, во поединечни износи од 100.000 до 400.000 денари, додека останатите средства се доделени на здруженија, велат од Министерството за животна средина за „Слободен печат“.
Како што се гледа од историјата на објави на Фејсбук страницата на Министерството, тоа објавувало јавни конкурси за распределба на 3,7 милиони евра за еколошки проекти во април 2025 година од оваа Програма.
Овој конкурс е вистинска можност за сите што имаат визија, идеи и капацитет да придонесат кон почиста и поодржлива животна средина. Апелирам до сите потенцијални апликанти – искористете ја оваа можност, изјавил тогашниот министер за животна средина Изет Меџити.
Но, на 8 април 2025 година Министерството за животна средина и Изет Меџити ги повикаа општините, здруженијата, граѓанските организации и научно-образовните институции да доставуваат проекти за износ што ќе биде распределен меѓу нив од 3,7 милиони евра.
Од нив 1.6 милиони евра се планирало да се доделат за изградба и техничка документација за канализациони системи и системи за пречистување на отпадни води, и исто толку пари за изградба и надградба на водоводни системи.
Околу 162 илјади евра се доделени за образовни, истражувачки и развојни проекти а 308 илјади евра за активности за подигање на јавната свест, едукација и обуки поврзани со животната средина.
Меџити тогаш најави транспарентна распределба на парите, со јасно дефинирани критериуми, а рокот за аплицирање беше 3 недели. Тој особено ги охрабри стартапите и технолошките компании да аплицираат со иновативни решенија за подобрување на животната средина.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата запрашани на кого му била доделена државната помош што ја испитуваат дали е законски доделена, и за што биле проектите за „Слободен печат“ одговорија дека проверката уште трае. Оттаму додаваат дека се работи за државна помош која се однесувала на Програмата за инвестирање во животна средина и просторно планирање за 2025 година која беше доставена од Министерството за животна средина и просторно планирање до Комисијата за заштита на конкуренцијата за нејзино одобрување.
Со доставување на Програмата за инвестирање во животна средина и просторно планирање во 2026 година Комисијата утврди околности кои упатуваат на потреба од дополнително испитување на реализацијата на мерките содржани во Програмата за инвестирање во животна средина и просторно планирање за 2025 година. Имајќи ги овие сознанија Комисијата согласно членот 18 од Законот за контрола на државната помош донесе Заклучок за поведување постапка за оценка на евентуална незаконска државна помош. Комисијата во оваа фаза не располага со целосни податоци на кого е доделена помошта и за кои проекти бидејќи постапката е сеуште во тек, велат отттаму.
Инаку, средствата за Програмата за инвестирање во животна средина и просторно планирање за 2025 се одобруваат од буџетот на Македонија.
Согласно член 16 став 2 од Законот за државна помош, доколку Комисијата за заштита на конкуренцијата поведе постапка за испитување на евентуална незаконска државна помош истата треба да биде завршена во рок од 18 месеци. Доколку Комисијата утврди дека е доделена незаконска државна помош , ќе постапи согласно одредбите од Законот за контрола на државната помош и ќе донесе Решение согласно своите надлежности, изјавија од Комисијата за заштита на конкуренцијата за „Слободен печат“.


