Вучиќ ја напушта политиката или ја менува фотелјата?
Српскиот претседател Александар Вучиќ во саботата спектакуларно им се обрати на поддржувачите на неговата партија, рече дека граѓаните в понеделник ќе го слушнат новиот план на владејачката партија и дека тоа е „веројатно последен пат да им се обрати на граѓаните во таков број“, како претседател на Србија. Тој најави дека за неколку недели ќе ја напушти функцијата.
Препорачано
– Им реков на претседателот на СНС (Српска напредна странка) и на раководството дека на претстојните избори, ако тоа го бараат и го сакаат, заедно со вас ќе помогнам да ја добиеме довербата на народот и да го оствариме сето она за што зборував во наредните четири години. Мој предлог е нашата листа на претстојните победнички избори да се вика „Обединета Србија“ – рече Вучиќ, што може да се толкува како признание дека ќе биде кандидат на СНС за премиер.
Во изјавата на Вучиќ нема ништо спектакуларно ново бидејќи никој не мислеше дека по завршувањето на претседателскиот мандат ќе се повлече и ќе ја напушти политиката. Можно е и самиот Вучиќ да не знае дали ќе ги спои парламентарните избори со претседателските, а можно е сè да е психолошка игра, велат соговорниците на „Данас“, коментирајќи ја неговата најава.
Доколку Вучиќ навистина се држи до овие зборови, тоа би значело дека претседателските избори, во законските рокови, би можеле да се одржат наесен. Оттука се поставува прашањето дали ова е знак дека тие ќе бидат споени со најавените парламентарни избори во истиот период.
„Претседателските избори се потешки за власта“
Новинарот на „Современа политика“, Александар Ивковиќ, тргнува од претпоставката дека претседателските избори се потешки за власта од парламентарните бидејќи на парламентарни избори владејачката коалиција може да смета на растурање на гласовите и на коалициска математика што може да ѝ оди во прилог.
На претседателските избори, пак, опозициските гласачи можат да застанат зад еден кандидат, а на тие избори „победникот зема сè“.
– Во таа смисла, не гледам никаква причина зошто власта би распишала претседателски избори пред редовниот термин, односно зошто би ги одржала, на пример, во октомври 2026 година, без разлика дали би биле споени со парламентарните или не, кога тие и онака треба да се одржат во април 2027 година – објаснува тој.
Единствено што има смисла, додава Ивковиќ, ако власта верува дека може да победи на парламентарните избори, е тие да се одржат пред претседателските и, во случај на победа, власта на тој начин да се осигура дека дури и ако ги загуби претседателските избори, тоа нема да биде голем политички удар.
– Парламентарните избори и понатаму не можат да се распишат додека не заврши седницата за гласање недоверба на Владата, но кога владејачкото мнозинство ќе одлучи, може да ја заврши за една до две недели, така што тоа не е некоја особена пречка – посочува тој.
Од март се враќа задолжителниот воен рок во Србија, најави Вучиќ
Вучиќ игра психолошки игри?
Ивковиќ и натаму не е сигурен дека зад најавите на Вучиќ стои вистинска намера претседателските избори да се одржат пред редовниот термин.
– Можно е тоа повеќе да е психолошка игра. Ако чекаат редовен термин, тоа би можело да создаде впечаток дека пасивно чекаат неминовен пораз, а вака изгледа дека иницијативата е во нивни раце. Освен тоа, со најавата за оставка, Вучиќ го крева влогот на парламентарните избори бидејќи пораката до неговите гласачи е дека ако не победи на нив, тој би можел веднаш да исчезне од политичката сцена бидејќи ќе го скрати претседателскиот мандат – објаснува Ивковиќ.
Андреј Шево, истражувач во Институтот за филозофија и општествена теорија, пак, смета дека на Вучиќ може да му се верува дека наскоро ќе поднесе оставка и дека претседателските избори кон крајот на годината се извесни.
– Се сомневам дека и самиот Вучиќ знае дали ќе ги спојува изборите. Нему му останува можноста за реконструкција на Владата и преминување на премиерската функција до почетокот на 2028 година и крајот на Експо. Мислам дека тој и натаму сериозно ја разгледува таа можност, но дека не донел конечна одлука – смета Шево.
„Ова не е ништо спекатакуларно ново“
За истражувачкиот аналитичар Милјан Младеновиќ, во изјавата на Вучиќ нема ништо спектакуларно ново.
– Верувам дека никој не мислеше дека по завршувањето на претседателскиот мандат Вучиќ ќе се повлече и ќе ја напушти политиката. Во споменатата изјава повеќе гледам потврда дека Вучиќ ќе ја продолжи својата политичка кариера преку борба на парламентарните избори, отколку што од неа може да се разбере кои избори и кога ќе се одржат. Веќе со месеци, па и повеќе од една година, се споменува термин за избори и тој постојано се поместува, а јавноста постојано погодува на кои вонредни избори всушност ќе излеземе. Реалноста е дека мандатот на претседателот и мандатот на Владата, гледано од долгорочна перспектива, релативно наскоро завршуваат. Затоа веќе и не е толку важно дали ќе имаме вонредни избори за четири-пет месеци или редовни само неколку месеци подоцна – наведува тој.
Младеновиќ констатира дека Вучиќ и досега чекал, сметајќи дека состојбата на терен ќе се промени.
– Но, изгледа дека со текот на времето рововската битка само станува сè поцврста и дека поместување на избирачкото тело речиси воопшто не се случува – заклучува Младеновиќ.
Последното што Вучиќ го кажа за терминот на парламентарните избори е дека тие ќе се одржат во периодот од септември до ноември.


