Фото: Принтскрин/Јутјуб

Салиу: Владата со засилена поддршка за инклузија на Ромите, четири министерства добија буџетски средства

Владата направи значаен исчекор во пристапот кон ромските прашања и политиките за инклузија. Особено е значајно што четири министерства – за образование и наука, за здравство, за транспорт и за социјална политика, демографија и млади располагаат со директно обезбедени буџетски средства за реализација на мерките и активностите од Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, изјави денеска на прес-конференција министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на оваа стратегија, Шабан Салиу.

Тој информираше за унапредувањето на положбата на Ромите, при што соопшти дека за учебната 2024/2025 е обезбеден ангажман на 43 ромски образовни медијатори во 26 општини, а првпат во учебната 2025/2026 година, како што рече, има 21 ромски образовен медијатор и во средно образование за поддршка во 33 средни училишта во 16 општини. Доделени се 1.200 стипендии за средношколци од јавните и приватните училишта во државата, како и 1.104 стипендии за студенти Роми од јавни и приватни универзитети. Унапредување на ромската култура се овозможува и со одобрението на учебник за шесто по изборниот предмет Јазик и култура на Ромите на конкурсот на МОН.

Во областа на здравството, преку Програмата за ромски здравствени медијатори која, како што рече Салиу, повеќе од десет години е пример за добра практика, во 2025/2026 се обезбедени 6 милиони денари и се ангажирани 20 здравствени медијатори.

Во областа на домувањето и инфраструктура, од 2023 до 2025 планирана е изградба на 32 објекта со 1.723 станбени единици, од кои на почетокот на 2025 се завршени 29 објекти со 1586 станови.

-Паралелно, Министерството за транспорт има објавено огласи за доделување социјалкни станови во Свети Николе и Пробиштип кои во овој момент би требало да се реализираат. Дополнително, обезбедени се 20 милиони денари за проекти за подобрување на комуналната инфраструктура во општини со значително ромско население. Истовремено, конкурсот продолжува и во 2026 година, рече Салиу.

Во областа на социјалната заштита, преку ромските информативни центри е обезбедена директна поддршка за ромската заедница. Од август до декември 2025 реализирани се вкупно 1.504 услуги, од кои најголем дел во областа на социјалната заштита, образованието, здравството, вранботувањето, домувањето и издавањето лични документи.

Салиу посочи и дека се работи на подобрување на пристапот до предучилишно образование и дека секоја учебна година децата Роми од семејства во социјален ризик се ослобоидени од плаќање партиципација во градинките. Во градинките се запишани 472 деца Роми, од кои оваа мерка ја користат 150. Како што рече, со владин заклучок е предвидено вклучување на 350 деца од социјално ранливи семејства во 21 градинка, без плаќање партиципација.

Програми за Роми има и во Оперативниот план за вработување во вид на поддршка за отворање сопствени бизниси со цел, рече Салиу, за да се намали невработеноста на младите Роми и тие поактивно да се вклучат на пазарот на трудот.

Салиу рече и дека е особено горд на соработка со релевантни меѓународни институции, како и со невладиниот сектор, со чија поддршка и во рамки на разни програми се изработени голем број документи и организирани работилници. Најави и проект што се изработува со поддршка на Владата – стандаризација на ромскиот јазик, со што, рече, нашата држава ќе биде единствена во светот.

-Како министер Ром и член на Владата свесен сум за одговорноста што ја носи оваа функција и затоа пристапувам професионално, посветено и транспарентно. Фактот што Ромите денес се активно вклучени во креирањето и спроведувањето на политиките носи силна порака дека нашето општество се движи кон вистинска еднаквост и инклузија. Лично сметам дека Македонија е лидер во поглед на почитување на правата на Ромите, истакна Салиу.

На прашањаето дали очекува повторно доверба од премиерот Христијан Мицкоски со реконструкцијата на Владата, Салиу одовори дека за тоа одлучува премиерот, но смета дека се видливи резултатите од посветената работа на неговиот Кабинет.

Роми биле сегрегирани во основно училиште во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот