Фото: rawpixel / CC 1.0

Роми биле сегрегирани во основно училиште во Македонија

Основно училиште во Македонија сегрегирало ученици Роми и ги распределило во паралелки во кои нема или има мал број ученици припадници на друга етничка заедница, констатираше Комисијата за заштита од дискриминација.

Во учебната 2023/2024 година од вкупно 453 ученици, 385 биле Роми што значи дека 17 паралелки биле сегрегирани со 77 проценти, а 12 паралелки биле целосно етнички сегрегирани со 100 проценти ученици Роми.

Покрај наведените, уште пет паралелки покажале речиси целосна сегрегација со екстремно висока концентрација на ученици Роми.

Училиштето се правдало дека најголемиот дел од децата што посетуваат настава во оваа образовна установа се Роми и дека немаат доволно Албанци и Македонци за да ги распределат во сите паралелки.

Наставата се одвивала на албански, македонски и турски, а учениците Роми ја следат на македонски јазик. Според училиштето 98 проценти од запишаните ученици се Роми, а два проценти се Македонци.

Како проблем со кој се соочуваат било и тоа дека родителите на учениците Македонци не ја почитуваат реонизацијата.

Наведуваат и дека училиштето имало формирано мобилни групи на терен, за куќна посета на семејствата, каде начекувале колеги од најодалеченото основно училиште во градот како ги подмитуваат родителите со по некој детаљ од училишен прибор и ветување за превоз, како да се работи за приватно училиште, а не за државно училиште. Наведуваат и дека родителите носеле документи за промена на адреса само за да го избегнат уписот на нивното дете во тоа училиште. За крај наведуваат дека како училиште никогаш не издале согласност за запишување на прваче што припаѓа во нивниот реон, стои во одговорот од училиштето до Комисијата.

Општината не одговорила ништо, односно ја игнорирала Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Комисијата смета дека во конкретниот случај постои сегрегација како потежок облик на дискриминација врз основа на етничка припадност во образованието, науката и спортот кон учениците Роми во училиштето.

Сегрегација, појаснуваат оттаму, е физичко одделување на лице или група лица врз дискриминаторска основа без легитимна или објективно оправдана цел.

Во основното воспитание и образование се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторското постапување по основ на пол, раса, боја на кожа, национално или етничко потекло, попреченост, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа.

Исто така се забранува дискриминација и физичко одделување на учениците врз дискриминаторска основа при запишување и формирање на паралелки во основните училишта без легитимна или објективна оправдана цел согласно со Уставот.

Реонизацијата на училиштата пак значи дека родителот има право и обврска да го запише детето во основното училиште во реонот во кој живее или каде што престојува.

Основното училиште е должно да ги опфати учениците од својот реон и да ги запише учениците од својот реон без исклучоци освен кога во училиштето на реонот нема услови за следење на настава на мајчин јазик, постои документација која го потврдува здравственото или психосоцијалното здравје на ученикот како основа за префрлање и кога училиштето има слободен капацитет и префрлањето е во интерес на детето, потврдено од центарот за ментално здравје, посочува Комисијата.

Исто така, постои и општа препорака на Комисијата уште од 2022 година со која се препорачува надлежните органи на локалната самоуправа да преземат активности за доследно почитување на актите за реонизација во нивните општини што за цел би имало десегрегација на децата Роми.

Исто така се препорачува МОН да определи построги критериуми за упис на дете во училиште во друг реон надвор од местото на живеење, со што би се намалил одливот на деца во други училишта и би се намалила сегрегацијата, а просветниот инспекторат да врши контрола над процесот на запишување на учениците во образовните установи.

Сумирано целта на општата препорака е да се минимизираат последиците од сегрегацијата не само врз децата Роми туку и тие од не-ромска припадност бидејќи немањето можност и прилика деца со различни културни и етнички позадини да се интегрираат и да учат едни за други, за да се избегне несакано сценарио на нетрпеливост и дискриминација од страна на посилната, односно побројната група.

Комисијата констатира загрижувачка состојба на терен, земајќи ја предвид состојбата констатирана од страна на мобилните групи на училиштето, изнесена во нивното произнесување, а се однесува за постапувањата на другите училишта и родителите во врска со уписот на деца во прво одделение, пишува во мислењето.

Со оглед на тоа што е сторена сегрегација врз основа на етничка припадност во областа на образованието, науката и спортот кон учениците во основното училиште припадници на ромската етничка заедница, дадени се препораки училиштето при формирање на паралелките да не потпишува согласност за преземање на дете кое не живее во тој реон.

Препорката за општината е да преземе законски мерки за десегрегација на децата Роми и да вработи повеќе педагошки асистенти во училиштето за поголема социјализација и почит меѓу децата.

Сите препораки треба да се исполнети во рок од шест месеци, а во спротивно Комисијата ќе поведе прекршочна постапка пред судот за прекршоци.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот