ВМРО-ДПМНЕ со отчет за образованието: Тврдат дека е ставен крај на хаосот со учебниците
ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека со нивното доаѓање на власт образованието повторно станало еден од главните државни приоритети. Од партијата оценуваат дека е надминат периодот на, како што велат, хаос и неизвесност во образовниот систем, а наставниците и учениците добиле поголема стабилност.
Препорачано
Според партиското соопштение, учениците веќе втора година по ред ги добиваат учебниците уште од почетокот на учебната година, а за првпат по подолг период биле обезбедени и учебници по странски јазици. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека биле набавени повеќе од еден милион примероци, со заштеди од околу 45 милиони денари во последните две години.
Од партијата посочуваат и дека е воспоставен предвидлив систем за раст на платите во образованието, со кој, според нив, се обезбедува постепено зголемување на примањата на наставниот кадар. Како дел од договорот со СОНК, велат дека во следните четири години се предвидени зголемувања во зависност од инфлацијата, а во првите две години платите на вработените во образованието пораснале за повеќе од 20 проценти.
Во соопштението се наведуваат и инвестиции во модернизација на училиштата. Според ВМРО-ДПМНЕ, над 160 училишта добиле современа ИТ опрема, воведени се дигитални услуги за ученици и студенти, нов електронски дневник и електронски свидетелства.
Од партијата информираат дека биле вложени и повеќе од 70 милиони евра во образовна инфраструктура – изградба и реконструкција на училишта, спортски сали и проширување на капацитетите.
Посочуваат и дека е зголемен бројот на образовни асистенти, со воведување 150 асистенти во средното образование и зголемување на бројот во основните училишта од 800 на 1.350.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека овие мерки претставуваат „враќање на достоинството и квалитетот“ во образовниот систем.
ВИДЕО | Водата во Гостивар е кафена, експертите велат дека е направено свесно кривично дело


