„Време е да се признае дека државата назадува од Југославија наваму“, вели Исмаил од Левица по труењето во Гостивар
Откако се прочу за скандалот и масовното труење во Гостивар, каде повеќе од 1.200 луѓе побарале лекарска помош, и сомнежите дека причинител е неисправната вода за пиење од градскиот водовод, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку објава на социјалните мрежи направи споредба меѓу состојбата во поранешна Југославија и денешната состојба во Македонија, наведувајќи дека во државава има континуирана деградација на животната средина, јавната инфраструктура, урбанизмот и културното наследство.
Препорачано
„Во Југославија, особено во текот на 70-тите и 80-тите години: никогаш не се случило во Гостивар да се затрујат над 1000 жители на градот поради отровна вода што доаѓа од градскиот водовод, кој, патем, на диво црпел вода од Вардар – река што извира токму во Гостивар и која никогаш не била позагадена отколку денес. Нема споредба меѓу состојбата на Вардар во времето на Југославија и денес во бинационална Македонија. Никогаш не се случило градот под Шар Планина – Тетово – да страда за вода и да биде толку нечист и екстремно загаден како што е денес. Напротив, Тетово важело за еден од најчистите градови и град со една од најубавите питки води. Никогаш во Дебар немало толкава депонија на ѓубре како што е денешната градска депонија, која, кога ќе се запали, целиот град, па дури и околните села, ги соочува со густ и токсичен чад. Сето тоа предизвикува огромно загадување на воздухот и сериозни респираторни проблеми кај локалното население. За Дебарското Езеро воопшто не треба ни збор да стане: во Југославија тоа бил бисерот на Дебар, а денес е канализација на Дебар“, пишува Исмаил во објавата.
Старата скопска чаршија, вели тој, иако е заштитена како културно наследство, со години го губи својот историски сјај и автентичност токму под притисокот на неконтролираната урбанизација во Општина Чаир.
„Реновирање на диво на дуќаните, ПВЦ и алуминиумска дограма, рекламни паноа – сè блешти како да си во „ред дистрикт“, а не во комерцијален центар наследен пред повеќе од три века. За дивоградбите и надградбите не треба ни да се зборува, доволно е само да се помине низ главната улица на Чаршијата. Капан-ан беше реновиран во Југославија, при што целосно ја задржа својата автентичност. Во бинационална рамковна Македонија, Капан-ан се претвори во место за фиксање и магацин на евтина роба“, пишува пратеникот на Левица.
„Што сакам да кажам? Како, побогу, дојдовме до тоа знаменитости во чест на југословенски херои, како Цветан Димов, Јосип Броз Тито, Август Цезарец, Никола Вапцаров, Моша Пијаде, Борис Кидрич, или улици и булевари со имиња како „Втора Македонска Бригада“, „ЈНА“, „Кемал Сејфула“ и слично, да станат непожелни за Албанците, па дури и да ги доживуваат како атак врз нивното бивство, поради што ги менуваат со имиња како „Командант Тели“ и „Адем Демачи“?! Каде ли се заглавил вентилот на вистината, па не може да бликне во суровата реалност на оваа очигледна контрадикција на историјата?”, пишува во објавата.
ВИДЕО | Водата во Гостивар е кафена, експертите велат дека е направено свесно кривично дело


