Македонскиот филм „17“ ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на Фестивалот во Ерусалим
Македонскиот филм „17“, во режија на Косара Митиќ, продолжува да освојува признанија на меѓународната филмска сцена. На свечената церемонија одржана на 16 јули, дебитантското остварување ја доби GWFF наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на 43. издание на Филмскиот фестивал во Ерусалим.
Препорачано
За победникот одлучуваше меѓународно жири во состав Корина Харфух, Марк Беноа Креансие и Јона Розенкиер. Во образложението беше наведено дека „17“ е „суров, бескомпромисен и силен уметнички удар“, кој преку впечатлива режија и актерска игра ја отвора темата за долго премолчуваното насилство со кое општеството мора да се соочи.
Светската премиера на филмот се случи пред неколку месеци, во официјалната натпреварувачка програма „Перспективи“ на 76. Берлински филмски фестивал. Со тоа, „17“ стана првиот македонски дебитантски игран филм по 26 години што се натпреварувал во официјална програма на еден од трите најголеми светски филмски фестивали.
„17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, реализирана со поддршка од Агенцијата за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и „SEE Cinema Network“. Сценариото го потпишуваат Косара Митиќ и хрватскиот сценарист Огњен Свиличиќ, а продуцент е „Црна Мачка Продукција“ во соработка со партнерски компании од Србија и Словенија.
Главните улоги ги играат Ева Костиќ и Мартина Даниловска, а во актерската екипа се и Жаклина Стефковска, Ана Стојановска, Даме Јовески, Оливер Митковски, Александра Пешевска, Симеон Дамевски, Ева Стојчевска, Ирена Димеска, Тодор Стојковски, Иво Јездиќ и Алина Христовска.


