Дресот на Пеле од финалето на Светското првенство во 1958 - Фото: JOHN ANGELILLO / UPI / Profimedia

Дресот на Пеле од финалето на Светското првенство во 1958 година продаден за 4,9 милиони долари

Дресот што легендарниот фудбалер Пеле го носел на финалето на Светското првенство во 1958 година е продаден за неверојатни 4,9 милиони долари на аукција организирана од „Сотби“ во Њујорк, пишува „Би-би-си“.

Ова е вториот најскапо продаден фудбалски дрес во историјата. Пред него е само дресот на Аргентина што го носел Диего Марадона кога го постигнал славниот гол познат како „Божја рака“ против Англија на Светското првенство во 1986 година. Тој дрес во 2022 година бил продаден за 7,1 милион фунти.

Дресот на Пеле од финалето во 1958 година добил вкупно 10 понуди од повеќе од пет заинтересирани купувачи, а продажбата претставува највисока сума досега платена на аукција за некој предмет од личната спортска колекција на бразилската фудбалска легенда.

Интересно е што истиот дрес во 2004 година бил продаден за 105.600 долари, што покажува колку неговата вредност пораснала со текот на времето.

Пеле имал само 17 години кога постигнал два гола против Шведска во финалето на Светското првенство во 1958 година и ѝ ја донел на Бразил првата од вкупно трите светски титули што ги освоил во својата кариера.

Пеле на финалето на Светското првенство во 1958: Yui Mok / PA Images / Profimedia

Тој и понатаму го држи рекордот како најмлад фудбалер кој постигнал гол во финале на Светско првенство.

„Денешниот резултат е силен доказ за трајното наследство на еден од најголемите фудбалери на сите времиња. Овој дрес не е само потсетник на еден од најважните моменти во историјата на фудбалот, туку е директно поврзан со моментот што го претвори Пеле во светска спортска икона“, изјавил Брендан Хокс, раководител за спортска стратегија и развој во „Сотби“.

На аукцијата „Убавата игра“ биле продадени и други значајни спортски предмети. Капитенската лента што Диего Марадона ја носел на Светското првенство во 1986 година, вклучително и за време на натпреварот во кој го постигнал голот „Божја рака“ против Англија, била продадена за 512.000 долари.

Дресот што Лионел Меси го носел за време на неверојатниот пресврт на Барселона против Пари Сен Жермен, во осминафиналето на Лигата на шампионите во 2017 година, бил продаден за 217.600 долари.

Дресот на Дејвид Бекам од неговиот 50-ти настап за англиската репрезентација на Светското првенство во 2002 година достигнал цена од 51.200 долари.

Том Круз, Роби Вилијамс и Лаура Паузини меѓу ѕвездите на свеченото затворање на Светското првенство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот