Стив Лејси - Фото: EPA/NINA PROMMER

ВИДЕО | „Порано земав ЛСД во среда, сега немам време за тоа“: музичката ѕвезда Стив Лејси за борбата со пороците

Греми номинација на 17 години, прво место на американските топ листи … а потоа тишина. Со новиот албум „Oh Yeah?“, кој конечно излезе по четиригодишна пауза, жанровски флексибилниот уметник отворено зборува за траумите и скршеното срце кои го обликуваа неговиот нов проект.

Откако Стив Лејси стана добитник на Греми со хит број 1 во САД, малку нешта се променија во неговиот приватен живот. Сингл „Bad Habit“ беше една од неговите најслушани песни во 2022 година, што доведе до распродадена турнеја низ цела Северна Америка, Европа и Австралија, пишува „Гардијан“.

Но, зад сцената, тој купи нова куќа во Лос Анџелес, но не стекна нови славни пријатели. Иако вели дека сака да седи дома и нема проблем со папараците,  додаде дека не се смета за славен.

Лејси смета дека го извел најголемиот трик на модерната поп-слава, да биде еден од најпопуларните музичари на својата генерација, а сепак да остане речиси непрепознатлив на улица.

Од „чудо од дете“ до сурова критика

Овој 28-годишник не живее обичен живот уште од тинејџерските денови. Откако сам научил да свири гитара како дете, ја добил својата прва Греми номинација на само 17 години како дел од алт-R&B бендот „The Internet“. Една година подоцна, тој ја продуцираше песната „Pride“ на Кендрик Ламар од албумот „Damn“ кој освои Пулицерова награда и тоа целосно на својот Ајфон. Најл Роџерс еднаш го нарече „персонификација на иновацијата“, а зборовите како „чудо од дете“ и „генијалец“ го следат веќе една деценија.

Сепак, митот за неговата непогрешливост бил скршен кога познатиот Јутјуб критичар Ентони Фантано му даде на неговиот деби албум оценка 3 од 10.

„Тоа ме изнервира, но ми беше потребно. Како тинејџер летав во облаци, мислев дека сум совршен“, признал Лејси.

Таа негативна критика довела до соработки со други музичари, а на крајот и причина за создавање на албумот „Gemini Rights“ во 2022 година, кој денес има 2,8 милијарди стримови на Спотифај.

Четири години макотрпна работа за „Oh Yeah?“

Лејси не планирал да потроши четири години на својот трет албум Oh Yeah?. Вели дека воопшто не одел на одмори бидејќи правењето музика му носи најголема радост.

„Не сум човек за одмори. Луѓето кои објавуваат слики од одмори ме тераат никогаш да не посакам да заминам. Одморот не е лична особина, друже“, се шегува тој.

Новиот албум Oh Yeah? е неговиот најзрел и како што вели, најдобар проект досега. Тој не се обидува слепо да го повтори успехот на „Bad Habit“, но го задржува истиот спој на психоделичен инди-звук и специфичен R&B. На албумот гостуваат големи имиња како Ерика Баду и Сесил Белив.

Признанија за семејната траума и неверството

Текстовите на овој албум се забележително поотворени и посурови. Во песната „Is It Cool?“, по неколкумесечно мачење да ги напише воведните стихови, Лејси ги испеа своите најинтимни и најшокантни зборови досега:

„Тато почина кога имав околу 10 години … Излегов сосема во ред … Само изневерувам од време на време“.

Лејси е роден во Комптон, Калифорнија, од мајка Афроамериканка и татко Филипинец кој починал кога тој бил дете.

„Никогаш претходно немам кажано дека сум Филипинец, ниту дека татко ми е мртов. Не беше планирано. Бев во студио со пријателите и тие ме погледнаа и ме прашаа: ’Брат, добар ли си? Ти треба ли прегратка?‘ Им реков: ’Не, супер сум, ајде да продолжиме‘“.

„Веќе немам време за лудување“

Како уметник кој се идентификува како квир (queer), Лејси признава дека албумот е инспириран од едно тешко раскинување со личност која ја сакал пред шест години, чувство кое сè уште го прогонува. Сепак, признава дека е тешко да се сака со истиот тинејџерски интензитет кога имаш големи одговорности.

„Кога имав 19 години, можев да земам ЛСД во среда. Сега немам време за тоа. ‘Врската’ со таа личност претставуваше одредена слобода. Сега сè е структурирано“.

На крајот, сè што Стив Лејси некогаш сакал е само да свири гитара.

„Завчера плачев во автомобилот додека го слушав албумот. Си помислив: ’Леле, не ми се верува дека го направив ова‘. Не ми се верува низ што сè поминав за ова да се случи, од моментот кога првпат ја фатив гитарата и свирев лошо на свадбата на сестра ми. Тоа дете сум јас“.

Разликата е во тоа што денес, додека тој свири, целиот свет будно го следи секој негов чекор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот