Претпазливо со овие популарни детски играчки – можат да експлодираат во вжештен автомобил и да предизвикаат изгореници
Неколку случаи на сериозни изгореници кај деца, регистрирани во последните години во Соединетите Американски Држави, ги поттикнаа експертите да ги предупредат родителите за опасноста од оставање на популарните „сквиши“ (меки антистрес) играчки во автомобилите за време на летните горештини.
Препорачано
Причината е едноставна – високите температури можат да предизвикаат пукање на играчките и истекување на жешкиот гел, кој може да нанесе тешки изгореници, пишува „Дејли стар“.
Станува збор за меки антистрес играчки исполнети со гел, кои и претходно го привлекоа вниманието на јавноста поради опасен тренд на социјалните мрежи. Децата ги загревале во микробранови печки за да станат уште помеки, но ваквите обиди во поединечни случаи завршувале со експлозии и сериозни изгореници.
Сега експертите предупредуваат на уште една опасност, овие играчки оставени во вжештен автомобил можат да пукнат и да предизвикаат подеднакво сериозни последици.
Гелот ѝ се залепил за кожата
Еден од последните случаи се случил во американската сојузна држава Западна Вирџинија, каде тринаесетгодишно девојче итно било пренесено во болница откако „сквиши“ играчка, оставена во автомобил, пукнала и ја испрскала со жешкиот гел.
Според нејзината мајка, Кими Стагс, гелот се залепил за кожата на девојчето и не можел да биде отстранет во домашни услови.
– Содржината беше како врела карамела што се стврдна на нејзината кожа – раскажала таа, додавајќи дека лекарите ѝ објасниле оти изгореницата најпрво морале да ја натопуваат со физиолошки раствор, пред да го отстранат гелот.
– Медицинската сестра ми рече дека, доколку се обиделе да го отстранат гелот без тоа, заедно со него би ја отстраниле и кожата, што би ѝ предизвикало уште поголема болка – додала мајката.
Набргу потоа речиси идентичен инцидент се случил и во Ново Мексико, каде уште еден тинејџер завршил во болница поради пукање на ист вид играчка.
Слични искуства споделиле и други родители. Една мајка во мај на Фејсбук опишала како нејзината помала ќерка земала „сквиши“ играчка што останала во прегреан автомобил. Поради високата температура играчката пукнала, а жешкиот гел се излеал врз девојчето. Иако не се здобила со потешки повреди, мајката го опишала настанот како многу вознемирувачки.
Опасен тренд на социјалните мрежи
Опасноста дополнително ја зголемува виралниот тренд на Тикток, кој ги поттикнува децата да ги загреваат овие играчки во микробранова печка за да станат помеки. Во многу случаи ваквите обиди завршиле со експлозии, а ширум светот се регистрирани сериозни изгореници на лицето, усната празнина и очите.
Во некои случаи, поради тежината на повредите, била неопходна и трансплантација на кожа. Иако производителите јасно предупредуваат на пакувањето дека играчките не смеат да се загреваат, овие предупредувања често се занемаруваат.
Загриженост предизвикува и составот на гелот
Експертите не се загрижени само поради топлината која може да предизвика да експлодираат играчките, туку и поради составот на гелот со кој се исполнети. Американската непрофитна организација „Конзјумер репортс“ при тестирања утврдила дека гелот во одделни производи може да предизвика иритација на кожата, па дури и хемиски изгореници.
Кај една анализирана играчка била измерена pH-вредност од 2, што одговара на киселоста на сок од лимон. Иако производителот ги оспорил резултатите од испитувањето, експертите предупредуваат дека можноста за хемиски изгореници, покрај ризикот од топлински повреди, не треба да се занемари.
Што се случува во прегреан автомобил?
Автомобилскиот експерт Мет Клемп објаснува дека внатрешноста на паркирано возило во текот на летните месеци може за многу кратко време да достигне исклучително високи температури.
– За време на топлотни бранови, температурата во внатрешноста на автомобилот може да надмине 50 Целзиусови степени за помалку од еден час. Тоа е доволно гелот во овие играчки да се загрее, да омекне и да се прошири, поради што играчката може да пукне – изјавил тој.
Особено предупредува дека децата често ги држат ваквите играчки блиску до лицето, без да размислуваат за можните последици.
– За разлика од водата, гелот се лепи за кожата и затоа може да предизвика многу посериозни изгореници. Ако играчката пукне, повреденото место веднаш треба да се лади под млаз ладна проточна вода и што е можно побрзо да се побара лекарска помош. Гелот никако не смее да се брише или насилно да се отстранува од кожата – советувал Клемп.
Според наводите на „Дејли стар“, слични инциденти биле пријавувани во текот на последните три години, што покажува дека не станува збор за изолирани случаи.
Можат да ја оштетат и внатрешноста на автомобилот
Освен што претставуваат опасност за здравјето, овие играчки можат да предизвикаат и значителна материјална штета. Кога гелот ќе истече, се лепи за седиштата, тапацирот, патосниците и другите површини во возилото, а неговото отстранување често бара професионално чистење, кое може да чини стотици евра. Кај постарите автомобили, трошоците за санација понекогаш можат да ја надминат и вредноста на самото возило.
Поради тоа, експертите советуваат пред да го напуштите автомобилот или пред да тргнете на патување во текот на летните месеци да проверите што останало во возилото.
Предупредувањето не се однесува само на „сквиши“ играчките. Во прегреан автомобил опасност можат да претставуваат и аеросолни спрејови, батерии, лекови и пластични шишиња со вода, бидејќи и тие можат да реагираат на екстремно високите температури.


