Ирена Теодора Весевска, археолог и професор: Дигиталните технологии се важен сојузник во заштитата на нашето културно наследство
„Македонија има исклучително богато културно наследство, но неговата вредност не е секогаш проследена со соодветен систем на заштита, управување и презентација“, вели Весевска.
Културното наследство на Македонија со децении се соочува со многубројни предизвици, но современите дигитални технологии отвораат нови можности за негово поефикасно истражување, заштита и промоција.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“, археологот и професор на Филозофскиот факултет во Скопје, Ирена Теодора Весевска, зборува за состојбата со културното наследство, придобивките од дигитализацијата и потенцијалот на новите технологии да ја доближат археологијата до научната и до пошироката јавност.
Културното наследство на Македонија е „жешка“ тема меѓу експертите, политичарите и јавноста. Според Вас, каква е неговата состојба и кои се најважните чекори што треба да се преземат за поефикасна заштита?
– Македонија има исклучително богато културно наследство, но неговата вредност не е секогаш проследена со соодветен систем на заштита, управување и презентација. Проблемот не е само во недостигот на финансиски средства. Институциите надлежни за заштита со години се соочуваат со недостиг од стручен кадар, особено во конзерваторските центри, додека координацијата и размената на информации меѓу институциите често се недоволни. Во такви услови тешко се воспоставуваат долгорочни стратегии и континуитет, па неретко реагираме кога штетата веќе е видлива, наместо превентивно да ги следиме состојбите и ризиците.
Потребни се кадровско зајакнување на институциите, систематска документација, редовен мониторинг на локалитетите и многу подобра институционална координација. Современите дигитални технологии тука можат значително да помогнат. Дигитализацијата не е замена за физичката заштита, туку алатка за подобро документирање, следење на промените и навремено планирање на интервенциите. Еднакво важно е наследството да биде разбирливо и достапно за јавноста, бидејќи она што не го познаваме, тешко можеме вистински да го вреднуваме и да го заштитиме.
Дигитализацијата сѐ почесто се применува во повеќе аспекти во науката. Како дигиталните технологии го менуваат начинот на истражување, документирање и презентација на културното наследство во Македонија?
– Дигиталните технологии суштински го менуваат начинот на кој работиме во археологијата. Денес не зборуваме само за дигитална фотографија или пренесување на документацијата од хартија во електронска форма, туку за целосно поинаков пристап кон прибирањето, обработката и поврзувањето на податоците. ГИС, фотограметријата, 3Д-моделирањето, снимањето со дронови и дигиталните бази овозможуваат многу попрецизно документирање и анализа на локалитетите и археолошкиот материјал.
Во Македонија овие технологии сè повеќе се применуваат, но сè уште не систематски и рамномерно. Често зависат од иницијативата, знаењето и техничките можности на поединечни истражувачи или институции. Следниот чекор мора да биде нивно интегрирање во редовната археолошка практика и создавање стандарди за дигитална документација и долгорочно чување на податоците. Особено важна е и презентацијата: дигиталните модели и виртуелните реконструкции можат да му овозможат на посетителот да го разбере просторот, а не само да гледа археолошки остатоци без поширок контекст.
Неодамна го финализиравте проектот „DigiArcheoSpace“. Кажете ни кои современи дигитални алатки и образовни ресурси беа развиени и како тие можат да придонесат за модернизацијата на изучување на археологијата и заштитата на културното наследство?
– „DigiArcheoSpace“ тргна токму од еден проблем што го препознаваме во археолошкото образование – јазот меѓу традиционалната академска обука и дигиталните вештини што денес реално му се потребни на еден археолог. Во рамките на проектот развивме шест образовни модули посветени на дигиталната археологија: ГИС и воздушното снимање, 2Д и 3Д моделирањето и скенирањето, дигиталната анализа на археолошки предмети, онлајн базите на податоци и управувањето и промоцијата на дигиталните ресурси.
Особено важен беше практичниот пристап. Студентите и младите истражувачи не треба само да слушаат за новите технологии, туку да научат како критички и одговорно да ги користат во реална археолошка работа. Затоа проектот комбинираше отворени дигитални образовни содржини со практична работа и теренска обука. За мене, модернизацијата на археологијата не значи напуштање на традиционалните методи, туку нивно надградување со алатки што овозможуваат попрецизна документација, подобра анализа и поширока достапност на знаењето.

Кои се најголемите предности од користењето на 3Д скенирање, фотограметрија и ГИС во современата археологија? И дали може да одвоите неколку примери каде што веќе се применуваат овие технологии на локалитетите низ државата?
– Овие технологии ни овозможуваат да документираме и да анализираме археолошки локалитети со прецизност и во обем што претходно беа тешко достижни. Со фотограметрија и 3Д моделирање можеме да создадеме детален дигитален запис на објект, архитектонска целина или цел локалитет во одреден момент. Тоа е особено важно во археологијата, бидејќи самото ископување е неповратен процес – еднаш отстранетиот археолошки контекст, не може повторно да се врати.
ГИС, пак, ни овозможува да ги поврземе археолошките податоци со просторот и да анализираме односи што не се секогаш видливи на терен: движење, комуникации, распределба на населби, природни ресурси или промени во пејзажот. Но, технологијата сама по себе не создава добро истражување. Дигиталната алатка е вредна само кога зад неа стојат јасно истражувачко прашање, квалитетни податоци и стручна интерпретација. Токму затоа дигиталните вештини денес треба да бидат дел од основната обука на идните археолози.
Како гледате на иднината на дигиталната археологија и кои нови технологии би можеле дополнително да го унапредат истражувањето и презентацијата на културното наследство?
– Иднината на дигиталната археологија во Македонија ќе зависи од тоа дали ќе успееме да преминеме од поединечни иницијативи кон системски пристап. Имаме стручни луѓе, интерес кај младите археолози и сè поголема примена на новите технологии, но потребни се стандарди, долгорочна дигитална инфраструктура и подобра соработка меѓу универзитетите, музеите, конзерваторските институции и ИТ-секторот.
Новите технологии можат значително да ја зголемат видливоста на нашето културно наследство. Дигиталните мапи, отворените бази на податоци, 3Д-моделите и виртуелните реконструкции овозможуваат еден локалитет да биде достапен и надвор од неговите физички граници и да допре до многу поширока публика. Но, не треба само да произведуваме атрактивни дигитални содржини. Потребно е тие да бидат научно засновани, одржливи и достапни и по завршувањето на конкретен проект. Ако дигитализацијата ја разбереме како долгорочна стратегија, а не како тренд, таа може суштински да го промени начинот на кој го истражуваме, заштитуваме и комуницираме нашето наследство.


