Доналд Трамп / фото: Rawpixel / CC0

Трамп ја обвини Кина за мешање во изборите кои ги изгуби во 2020 година

Тврдењата на Доналд Трамп дека Кина се обидела да влијае врз претседателските избори во 2020 година во корист на Џо Бајден се спротивни на претходните проценки на американските разузнавачки служби.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ја обвини Кина за мешање во изборите во 2020 година и тврдеше дека постојат „шокантни ранливости“ во американските системи за гласање, објави „Би-би-си“.

Трамп повеќепати изнесуваше неосновани тврдења за изборни измами и за странско мешање во претседателските избори во 2020 година, на кои загуби од Џо Бајден.

Во синоќешниот говор, одржан три месеци пред изборите за Конгресот, тој рече дека декласифицирал стотици разузнавачки документи кои, според него, ги потврдуваат тврдењата дека Пекинг се обидел да влијае врз изборите во корист на Бајден.

Трамп говореше пред повеќе членови на својот тим, но на новинарите не им беше дозволено да му поставуваат прашања.

Во своето обраќање тој ја обвини Кина за „незаконско прибирање“ на 220 милиони избирачки досиеја што содржеле лични податоци.

Трамп рече дека податоците за гласачите во 18 американски сојузни држави биле „купени, украдени или хакирани од Кина“ и ги обвини „оние кои требало да го кренат алармот“ дека не ги известиле владините претставници или Конгресот за тоа откритие.

Тој не приложи докази дека Кина ги искористила наводно прибраните информации за да ги измени системите за гласање или да влијае врз изборните резултати.

Како одговор на неговиот говор, кинеската амбасада во Вашингтон изјави дека Пекинг „никогаш не се мешал и никогаш нема да се меша во претседателските избори“.

Во меѓувреме, демократите го обвинија Трамп дека се обидува да посее сомнеж во безбедноста на претстојните ноемвриски избори за Конгресот, кои ќе одлучат кој ќе го контролира Конгресот до крајот на неговиот претседателски мандат.

„Да бидеме јасни – во Америка гласачите ги избираат своите лидери, а не обратно. Демократите ќе се борат со сите сили за да обезбедат секој американски гласач слободно да го даде својот глас, без попречување или мешање од Доналд Трамп“, напиша лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, на социјалните мрежи по говорот.

Трамп ќе се изјасни за невин во новиот случај за мешање во изборите во 2020 година

Службите велат едно, Трамп друго

Изјавите на претседателот се во спротивност со претходните проценки на американските разузнавачки служби.

Во извештајот на Националниот разузнавачки совет од 2021 година се наведува дека со „висок степен на сигурност“ е утврдено дека Кина не се вмешала во претседателските избори во 2020 година.

„Проценуваме дека Кина не спровела операции за мешање и, иако разгледувала можности за влијание, не презела активности насочени кон промена на исходот од американските претседателски избори“, се наведува во извештајот.

Во него се додава дека тоа најверојатно било затоа што Кина „не сметала дека кој било можен изборен исход е доволно поволен за да го оправда ризикот од последици доколку биде откриено евентуално мешање“.

Трамп го одржа обраќањето по објавувањето на нова анкета на „Вашингтон пост“ и „Ипсос“, според која неговиот рејтинг на одобрување паднал на 37 проценти, при што многу гласачи изразиле песимизам поради високите трошоци за живот и поради тековната војна со Иран.

Во друг дел од говорот, претседателот тврдеше дека американските гласачки системи се „изложени“ на мешање од странски противници, вклучувајќи ги Русија, Кина и Иран.

Недостатоците на американската изборна инфраструктура се добро документирани.

Дел од нив беа отстранети по изборите во 2016 година, на кои победи Трамп, откако американската разузнавачка заедница утврди дека Русија спровела координирана кампања за мешање во изборите, која вклучувала хакирање, влијание преку социјалните мрежи и финансирање активности поврзани со изборната кампања.

За време на говорот, Трамп тврдеше и дека истрага на органите за спроведување на законот во Мичиген открила шема за измама при регистрација на гласачи поврзана со група блиска до Демократската партија, но дека ФБИ ја спречил истрагата да преземе мерки пред да истече законскиот рок за кривично гонење.

Тој рече дека се работело за „плаќање, влијание и за измама“, но не приложи докази дека биле променети гласови или резултати од пребројување.

Одделно, Трамп изјави дека Министерството за внатрешна безбедност идентификувало 278.000 луѓе кои не се американски државјани, а биле регистрирани за гласање.

Тој не наведе дали некој од нив навистина гласал или дали тоа имало влијание врз резултатите на некои избори.

Трамп сака да го укине гласањето по пошта пред изборите за Конгресот во 2026

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот