Силекс елиминиран на пенали од Динамо Минск во Конференциската лига
Фудбалерите на Силекс рано го завршија европското лето откако не излегоа како победници во двомечот со Динамо Минск во првото квалификациско коло на Конференциската лига.
Препорачано
Кратовскиот клуб на реваншот кој се играше на ФФМ Тренинг центарот „Петар Милошевски“ на пенали со 6:5 е елиминиран од белорускиот претставник.
Откако на првиот одигран на неутралниот терен во Стара Загора триумфираше составот на Александар Васоски со 1:0, со истиот резултат славеше и Динамо Минск на возвратниот дуел по регуларните 90 минути во Скопје.
Стрелец на единствениот гол беше Евгениј Малашевиќ во 16 минута од натпреварот. Немаше погодоци во додатните 30 минути, па патникот во следната фаза се дозна по ударите од белата точка.
Сите беа прецизни во првите пет серии на двете страни, Велиновски, Богдановски, Мишов, Делимеѓац и Анѓелески кај домаќините, а Бегунов, Абдулахи, Соколовски, Алјкулов и Луцкович за гостите.
Во следната шеста серија Тимовски од редовите на Силекс ја погоди пречката, а за пласман на Динамо Минск во следната фаза стрелаше Калинин.
Белоруската екипа во второто квалификациско коло на Конференциската лига ќе игра против Нефчи од Азербејџан.


