Колин Фарел за синот со ретко генетско нарушување: „Најмногу ме плаши што ќе биде со него кога нè нема“
Холивудскиот актер Колин Фарел отворено проговори за животот со својот син Џејмс, кој има Ангелманов синдром – ретко генетско нарушување што влијае врз интелектуалниот и физичкиот развој. Џејмс денес има 23 години, а актерот сè почесто јавно зборува за предизвиците со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Џејмс е роден во 2003 година, кога Фарел имал 27 години. Го добил со поранешната партнерка, американската манекенка Ким Борденејв, а дијагнозата му била поставена кога имал четири години.
Во 2024 година, актерот основал фондација посветена на поддршка на возрасни лица со интелектуална попреченост, откако сфатил колку е ограничен системот за помош, особено откако децата ќе станат полнолетни.
View this post on Instagram
Во разговор со актерката Џеси Бакли, Фарел признал дека најголемата грижа му е иднината на неговиот син.
„Застрашувачка е помислата дека ќе ги пропуштам последните 40 или 50 години од неговиот живот, бидејќи нема да бидам тука да го водам и да го штитам“, рекол актерот.
Иако финансиски е обезбеден, нагласил дека парите не можат да ги решат сите проблеми.
„Мојот страв е дека, не дај Боже, ако нешто ѝ се случи на мајка му или на мене, тој ќе има 30 или 40 години и ќе мора да замине некаде, а нема да има никој да го повика, да го прошета или да го однесе на ручек“, изјавил Фарел.

Тој открил дека заедно со мајката на Џејмс веќе бараат место каде што нивниот син би можел да живее, додека тие сè уште се живи и можат да бидат дел од процесот на приспособување.
„Сакам да најдеме место што ќе ни се допаѓа, каде што може да замине уште сега, додека сме живи и здрави. Место што ќе можеме да го посетуваме и повремено да го изнесеме надвор“, рекол актерот.
Според него, најважно е Џејмс да биде дел од заедница во која ќе има исполнет живот, секојдневни активности и луѓе што искрено ќе се грижат за него.
View this post on Instagram
Фарел признал и дека неговиот син бил една од главните причини поради кои престанал да консумира алкохол во средината на 2000-тите.
„Џејмс имаше околу две години кога се откажав од алкохолот. Не можев да бидам ниту добар пријател, а камоли татко на дете со толку сложени потреби“, изјавил тој.
Актерот вели дека токму Џејмс го научил на трпение и му помогнал поинаку да го доживува животот.
„Џејмс можеби ќе потроши 90 секунди за да ја соблече маицата, но ќе ја соблече. Само седиш покрај него и чекаш. Тој ме научи да го гледам човечкиот живот како чудо“, рекол Фарел, додавајќи дека секој ден е горд на својот син и дека за него тој е „едноставно магичен“.


