Кејти Пајпер - Фото: World Economic Forum / Avalon / Profimedia

ФОТО | Кејти Пајпер, водителката со изгореници им одговори на оние кои користеле ВИ за да ѝ го „поправат лицето“

Британската водителка Кејти Пајпер реагираше откако дел од корисниците на социјалните мрежи побарале од алатка со вештачка интелигенција да ги отстрани нејзините лузни и да прикаже како би изгледала „нормално“.

Пајпер на својот профил на Инстаграм сподели изјава за коментарите упатени кон алатката Грок, која е достапна на платформата Икс, предупредувајќи дека станува збор за многу поширок проблем поврзан со начинот на кој вештачката интелигенција може да влијае врз перцепцијата за изгледот и убавината, пишува „Сан“.

Водителката објави снимки од коментари кои се појавиле по фотографија од неа на едно доделување награди. Некои корисници побарале од вештачката интелигенција да ја измени нејзината фотографија и да ги отстрани лузните.

„Еј, Грок, поправи ѝ го лицето и покажи ми како би изгледала нормално“, напишал еден корисник. Друг побарал: „Направи ја убава“.

Нападот што ѝ го промени животот

Кејти Пајпер во 2008 година преживеала брутален напад кој го организирал нејзиниот тогашен партнер. Напаѓачот што тој го ангажирал ја полеал со сулфурна киселина, при што таа се здобила со тешки изгореници, го изгубила видот на едното око и морала да помине низ бројни операции.

И покрај последиците од нападот, Пајпер изгради успешна кариера како телевизиска водителка, авторка и активистка. Таа ја основала Фондацијата „Кејти Пајпер“, организација која им помага на луѓето кои живеат со последици од изгореници и видливи физички разлики. За својата хуманитарна работа во 2022 година била одликувана со Орден на Британската империја.

Кејти Пајпер – Фото: EPA/IAN WEST / PA WIRE UK AND IRELAND OUT, EDITORIAL USE ONLY

„Што се случува кога целта е некој кој сè уште ја гради својата самодоверба?“

Во реакцијата на коментарите, Пајпер објасни дека не ја споделува оваа ситуација за да бара сожалување, туку за да укаже на поширокиот проблем.

„Денес открив како би изгледала доколку сум ‘нормална’… според вештачката интелигенција и илјадници луѓе на интернет. Некој ја поставил мојата фотографија на Грок и побарал да ми го ‘поправи лицето’. Оттогаш луѓе повторно ме означуваат во разговори во кои го анализираат мојот изглед и споделуваат верзии создадени со вештачка интелигенција за тоа како ‘треба’ да изгледам“, напиша таа.

Пајпер додаде дека нејзината реакција не е само за нејзиниот личен случај.

„Ова го објавувам затоа што се прашувам што се случува кога целта не е некој кој речиси две децении работел на обновување на својата самодоверба. Што се случува кога тоа е тинејџер? Некој кој штотуку е повреден? Некој кој живее со видлива разлика и сè уште се обидува да го најде својот пат?“

Предупреди на влијанието на вештачката интелигенција

Водителката предупреди дека проблемот не е само во еден навредлив коментар, туку и во начинот на кој технологијата може тивко да ги зајакнува стереотипите за тоа што се смета за „нормално“ и „убаво“.

„Влегуваме во свет во кој вештачката интелигенција не создава само фотографии. Таа тивко ги зацврстува претставите за тоа што се смета за ‘нормално’, ‘прифатливо’ или ‘убаво’, а милиони луѓе секојдневно наидуваат на такви пораки, често без да размислуваат за нивното влијание“, напиша Пајпер.

Таа додаде дека самата не го поминува животот прашувајќи се како би изгледала, но дека „очигледно интернетот го прави тоа доволно за двајцата“.

Водителката на емисијата „Луз Вимен“ посочи дека случајот не се однесува само на неа, туку отвора пошироки прашања за вештачката интелигенција, предрасудите, стандардите за убавина, анонимноста на интернет и одговорноста на корисниците.

„Станува збор за вештачка интелигенција, пристрасност, стандарди за убавина, анонимност, емпатија и за тоа каде ја повлекуваме границата. Ова изгледа како почеток на многу поголема приказна што треба да ја истражиме“, порача таа.

Следбениците ѝ дадоа поддршка

По нејзината објава, бројни следбеници ја поддржаа и ги осудија коментарите упатени кон неа.

„Ова е ужасно. Ти благодарам што го сподели ова, Кејти, и се надевам дека си добро“, напиша еден корисник.

Друг додаде: „Боже, Кејти. Искрено немам зборови. Мило ми е што можеш да се издигнеш над ова, но ова е страшно. Ти испраќам многу љубов.“

Трет следбеник порача дека ништо не може да блеска посилно од светлината што човек ја носи во себе.

Поранешното момче и го уништи лицето, таа закрепна и сега ги краси насловните страници (ФОТО)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот