Истражување во Британија: ограничувањето на социјалните мрежи им го подобрило сонот и концентрацијата на тинејџерите
Британските тинејџери кои учествувале во истражување поддржано од владата пријавиле подобар сон, поголема концентрација и подобро општо психофизичко чувство по воведувањето ограничувања за користење на социјалните мрежи, покажува студија на која се повикува „Ројтерс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Истражувањето опфатило 309 домаќинства и било нарачано од британската влада пред тогашниот премиер Кир Стармер да ги најави плановите за забрана на пристап до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години.
Во студијата учествувале млади на возраст од 13 до 17 години, кои во текот на еден месец биле поделени во три групи. Првата група можела да ја користи секоја апликација за социјални мрежи најмногу 15 минути дневно. За втората група било воведено ограничување за користење од 21 до 7 часот, додека третата група воопшто немала пристап до социјалните мрежи на своите уреди.
Сите три групи пријавиле подобрување на квалитетот на сонот, расположението, концентрацијата, времето посветено на учење, како и подобра комуникација во семејството.
Според резултатите, целосното отстранување на социјалните мрежи довело до најголемо подобрување на концентрацијата, но истовремено предизвикало и најголеми потешкотии во социјалните контакти. Од друга страна, забраната за користење на социјалните мрежи во текот на ноќта се покажала како најлесна мерка за спроведување во семејствата и дала најдоследни резултати кога станува збор за подобрување на сонот.
Најмал успех имало ограничувањето од 15 минути дневно за секоја апликација. Учесниците го оцениле како непрактично, бидејќи често ги прекинувало разговорите и комуникацијата со врсниците.
Студијата покажала и дека дел од тинејџерите успевале да ги заобиколат ограничувањата користејќи таблети, преносни компјутери или постари мобилни телефони. Тие посочиле дека и пошироки ограничувања би можеле да се избегнат со користење виртуелни приватни мрежи или со внесување неточна возраст при отворање кориснички профили.
Многу од учесниците изјавиле дека за време на истражувањето се чувствувале пооддалечени од своите пријатели, особено оние на кои една од најпопуларните апликации за размена на пораки им била главен начин на комуникација.
Истовремено, тие сметаат дека евентуалните ограничувања треба да бидат приспособени на возраста и зрелоста на младите, при што постарите тинејџери би требало да имаат поголема самостојност при користењето на социјалните мрежи, пренесува „Ројтерс“.


