Тинејџери бараат совети за слабеење од вештачка интелигенција, па добиваат опасни нискокалорични диети
Сè повеќе тинејџери денес се обраќаат до алатки со вештачка интелигенција за совети околу исхраната и слабеењето, но ново истражување предупредува дека ваквите платформи можат да им предложат диети што сериозно го загрозуваат нивното здравје и развој.
Препорачано
Истражувањето, објавено во списанието „Фронтирс ин нутришн“, покажало дека плановите за исхрана што ги генерирала вештачката интелигенција содржеле во просек околу 700 калории помалку дневно од препораките што би ги дале професионални нутриционисти.
Во еден пример, на 15-годишно момче кое сакало да ослабне му бил предложен режим од само околу 1.500 калории дневно, со мали порции пилешко, ориз, брокула и лосос. Според експертите, тоа е далеку под потребите на тинејџер во период на раст и развој.
Главната авторка на студијата, д-р Ајше Бетул Билен од Универзитетот „Истанбул Атлас“, предупредува дека ваквите препораки можат да создадат сериозен дисбаланс во исхраната на младите.
„Овие технологии можат да бидат корисни за општи информации, но не смеат да ја заменат стручната помош, особено кога станува збор за деца и адолесценти чии нутритивни потреби се специфични“, истакнала таа.
Истражувачите анализирале четири профили на 15-годишници – две момчиња и две девојчиња, при што дел од нив биле категоризирани како лица со прекумерна тежина или дебелина. Потоа од пет различни ВИ-модели побарале тридневни планови за слабеење.
Резултатите покажале не само премал внес на калории, туку и сериозен дисбаланс во хранливите материи – премногу протеини и масти, а значително помалку јаглехидрати од препорачаното.
Педијатарот д-р Џејсон Нагата од Универзитетот во Калифорнија предупредува дека ваквите рестриктивни режими можат да го нарушат растот, развојот на мозокот и работата на срцето кај младите.
„Тинејџерите растат. Ако не внесуваат доволно хранливи материи, тоа може сериозно да го наруши нивниот развој, а во екстремни случаи да доведе и до хоспитализација“, вели тој.
Дополнителен проблем е што ваквите совети можат да поттикнат нездрави навики и нарушувања во исхраната, како прескокнување оброци, гладување или користење препарати за слабеење без медицински надзор.
Експертите предупредуваат дека вештачката интелигенција често ги собира информациите од интернет, каде што има огромна количина неточни и непроверени совети за исхрана. ВИ-системите, исто така, најчесто им даваат на корисниците одговор што го бараат, без да го земат предвид поширокиот здравствен контекст.
Според Американската академија за педијатрија, просечните дневни потреби на тинејџерите се многу повисоки – околу 2.800 калории за момчиња и 2.200 за девојчиња, зависно од возраста и физичката активност.
Лекарите затоа советуваат семејствата да се фокусираат на балансирана исхрана, а не на строги диети и брзо слабеење. Доколку постои загриженост за тежината или исхраната на тинејџер, најдобро е совет да се побара од педијатар или лиценциран нутриционист.


