Никола Груевски / фото: Фејсбук

Македонија сè уште не го бара Груевски — процедурата сега ја оддолжи ослободителната пресуда

Поранешниот премиер Никола Груевски дочека Кривичниот суд да го ослободи за предметот „Талир 2“, а Министерството за правда сè уште нема пратено ново барање за екстрадиција од Унгарија и по два месеца откако таму се смени власта и премиерот Петер Маѓар најави дека ќе го врати Груевски во Македонија.

Оттогаш ниту Унгарија го враќа, ниту па Македонија го бара. Од Правда велат дека уште ја комплетираат документацијата, а сега нова околност е пресудата за „Талир 2“.

– Во моментов сè уште не е комплетирана целокупната документација што се прибира од надлежните судови за сите постапки што се водат против Груевски. За предметот „Талир 2“ е донесена ослободителна пресуда, поради што надлежниот суд треба да ја повлече меѓународната потерница и по службена должност да го извести Министерството за правда. По добивањето на таквото известување, за тој предмет повеќе нема да се постапува – велат од Министерството за правда за „Слободен печат“.

За Груевски досега е поднесено едно барање за екстрадиција, на 20 ноември 2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година. Барањето за екстрадиција ги опфати сите предмети за кои во тој момент се водеа постапки пред македонските правосудни органи и за кои беше распишана меѓународна потерница.

 

Експремиерот Никола Груевски е ослободен во случајот „Талир 2“

– Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 5 август 2019 година, со образложение дека на Никола Груевски му е одобрен азил во согласност со унгарското законодавство, кое не дозволува екстрадиција на лице што ужива таков статус во државата од која избегало. Воедно, нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија. До овој момент, Министерството за правда нема добиено официјално известување од надлежните органи дека на Никола Груевски му е одземен статусот на азил. Министерството за правда и понатаму ќе постапува во рамките на своите законски надлежности, врз основа на целосно обезбедена документација и во согласност со домашното законодавство и меѓународните обврски на државата – додаваат од Правда.

По изјавата на Маѓар дека Унгарија нема да биде засолниште за меѓународни криминалци, унгарските медиуми објавија дека Груевски добил целосно унгарско државјанство во 2022 година врз основа на „државен интерес на Унгарија“. По овие информации, Министерството за правда реагираше и порача дека постапката за екстрадиција продолжува „независно од сите шпекулации и неофицијални информации за евентуалниот статус што го има во Унгарија. Никола Груевски останува државјанин на Република Северна Македонија и е лице што е предмет на правосилни судски одлуки и активни постапки“.

Скопје чита пораки од Будимпешта – екстрадицијата на Груевски ја отвори пукнатината во ВМРО-ДПМНЕ

Додека политичкиот азил може да биде укинат, одземањето државјанство е далеку потешка правна постапка. Тоа му обезбедува ниво на заштита што го прави имун на ветувањата на Маѓар за екстрадиција. Одземањето на државјанството би барало да се докаже дека е стекнато со измама или корупција. Во вториот случај, со оглед на тоа дека е доделено поради „државен интерес“, Обвинителството би требало да докаже вмешаност на највисоки претставници на владата на Виктор Орбан.

Груевски избега од Македонија во ноември 2018 година, непосредно пред да започне со издржување затворска казна од две години во случајот „Тенк“ – пресуда за корупција поврзана со набавка на оклопен луксузен „мерцедес“ во вредност од 600.000 евра.

Највисока затворска казна за Груевски е изречена за случајот „Плацеви на Водно“, девет години затвор. Пред неколку години почна продажбата на неговите станови на Водно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот