ЕЕС не успеа да разликува идентични близнаци – проблеми со новиот граничен систем на Европската Унија
Новиот дигитален граничен систем на Европската Унија, не само што создава долги редици, туку е и збунет од идентични близнаци. Тоа е најновиот во низата проблеми за контроверзниот систем за влез/излез (ЕЕС), за кој дури и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, овој месец призна дека има нерешени „технички проблеми“ и „сè уште треба да се работи многу“, објавува „Политико“.
Препорачано
Системот, кој треба да ги замени физичките печати во пасошите со биометриска база на податоци на ЕУ, беше воведен на 10 април по четири години одложувања. Оттогаш, патниците се жалат на доцнења додека чекаат скенирање на лицето и земање отпечатоци од прсти. Но, долгите редици не се единствениот проблем.
Британка, која работи за веб-страницата „Политико“, била испрашувана од романската гранична полиција кон крајот на мај, додека се враќала во Велика Британија од аеродромот Клуж. Таа била обвинета дека нелегално престојувала во Шенген-зоната бидејќи нејзиното заминување од претходната посета на Амстердам во април оваа година не било правилно евидентирано.
Имало само еден проблем: таа воопшто не била во Амстердам во април. Но, нејзината идентична сестра близначка била. Жената, на која ѝ е дадена анонимност за да се избегне идна непријатност на границата, била испрашувана околу петнаесет минути. Кога им ја спомнала својата сестра близначка на полицајците, прво била обвинета дека го позајмила пасошот, што не било вистина. Нејзината сестра во тоа време била во Обединетото Кралство и никогаш не ја посетила Романија.
Се чини дека ЕЕС ги помешал двете жени врз основа на нивните идентични црти на лицето, а можеби и поради нивното исто презиме, датум на раѓање и националност. Сепак, тие имаат различни отпечатоци од прсти, имиња и, што е клучно, секоја има свој пасош. На жената на крајот ѝ било дозволено да замине.
Оваа бизарна ситуација може да биде резултат на два одделни, но истовремени случаи на лошо спроведување на ЕЕС од страна на земјите членки, вели Ниови Вавула, раководител на Одделот за сајбер политика на Универзитетот во Луксембург. Вавула, која ги советувала пратениците за техничките аспекти на ЕЕС, сугерира дека проблемот можел да произлезе од неправилно евидентираното заминување на сестра од Амстердам, како и од недоволни проверки од страна на романските власти во Клуж.
Според неа, се чини дека проверката на излез во Амстердам била извршена додека ЕЕС „не бил целосно подготвен или имало дефект“ на граничниот премин, што е многу веројатно со оглед на тоа што патувањето се случило на 12 април, само два дена откако системот бил лансиран.
Испитувањето на втората сестра во Клуж, исто така, сугерира дека романските власти не ја завршиле својата работа правилно, вели Вавула. Според правилата на ЕЕС, службениците не треба да идентификуваат патник само врз основа на слика од лицето, туку мора да ја споредат и со отпечатоци од прсти или податоци од пасошот, што би било различно во овој случај.
Кога бил прашан за проблемот, портпаролот на Европската комисија рекол дека Комисијата не коментира за поединечни случаи. Сепак, тој додал:
„Земјите членки се одговорни за податоците евидентирани во ЕЕС, до кои Комисијата нема пристап. При влегување во Шенген-зоната, патниците мора да ги достават своите биометриски податоци, при првото преминување на надворешните граници на ЕУ, како и податоците од пасошот. Ова овозможува единствена идентификација на секој патник.“


