Шпанија и Аргентина ќе играат за пехарот, но и за 50 милиони долари
Финалето на Мундијалот меѓу Аргентина и Шпанија нема да биде само битка за највредниот трофеј во светскиот фудбал. Големиот дуел во недела ќе одлучи и кој ќе ја освои најголемата парична награда што некогаш била доделена на едно Светско првенство.
Препорачано
ФИФА за Мундијалот во 2026 година обезбеди рекорден награден фонд од 655 милиони долари, што е за дури 50 проценти повеќе во однос на претходното Светско првенство во Катар. Со тоа, ова издание на турнирот влегува во историјата не само по бројот на учесници и натпревари, туку и по финансиската вредност.
Новата светска шампионска круна ќе носи и огромна награда. Репрезентацијата која ќе слави во финалето меѓу Аргентина и Шпанија на 19 јули ќе заработи неверојатни 50 милиони долари. Поразениот финалист, пак, ќе мора да се задоволи со 33 милиони долари, што повторно е сума која ја потврдува големината на најголемото фудбалско натпреварување.
Голема премија ги очекува и репрезентациите кои ќе се борат за третото место. Победникот од дуелот меѓу Франција и Англија ќе инкасира 29 милиони долари, додека четвртопласираната селекција ќе добие 27 милиони долари.
Селекциите кои своето патување го завршија во четвртфиналето – Мароко, Белгија, Норвешка и Швајцарија – ќе бидат наградени со по 19 милиони долари. Тимовите кои стигнаа до осминафиналето ќе добијат по 15 милиони долари, додека оние кои беа елиминирани во групната фаза ќе заработат по 11 милиони долари.
ФИФА обезбеди загарантиран приход за сите учесници. Секоја од 48-те репрезентации кои настапија на турнирот доби најмалку 10,5 милиони долари само за учеството на Светското првенство.
Меси води во трката за Златната копачка на Светското првенство


