Локални избори 2025 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

Повиците од Брисел не помогнаа, партиите не најдоа заеднички јазик за Изборниот законик

Истекува рокот во кој партиите треба да се усогласат за измените на Изборниот законик, но решение на повидок нема. ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од гласањето на дијаспората по електронски пат или по пошта, обидот на Левица да ги седне на иста маса опозициските партии за да се договорат за една изборна единица пропадна, по што почнаа и обвинувањата и препукувањата кој е поголем приврзок и играч на Мицкоски – дали СДСМ или Левица.

И покрај минатонеделниот повик на еврокомесарката за проширување Марта Кос и вчерашниот на евроамбасадорот Михалис Рокас – партиите да постигнат договор бидејќи реформите се клучни за евроинтегративниот пат на земјава, партиите и вчера остана секоја на својот став.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека не е оптимист оти Изборниот законик ќе се донесе и повторно ги повика опозициските партии да се договорат и да постигнат решение што ќе го вклучува гласањето на дијаспората.

Не сум оптимист, имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата. Ние како владина коалиција го усогласивме нашиот став и на маса им рековме, еве, договорете се, напишете го, донесете го, сè додека гласањето на дијаспората е вклучено во него, ние бланко ќе го поддржиме. Поминаа денови, тие се натегаа кој кого ќе викне и каде ќе се одржи тој состанок помеѓу опозицијата. Ги повикувам на зрелост и одговорност да седнат заедно како опозициски партии, нека се договорат – порача Мицкоски.

Тој уште еднаш посочи на изјавата на еврокомесарката Марта Кос, која минатата недела од Скопје порача дека мора да биде постигнат консензус за Изборниот законик бидејќи тој е дел од европскиот реформскиот пакет.

Сите ја слушнаа Марта Кос, дека тоа е дел од реформите битни за евроинтеграција. Чудни се некои политичари во опозицијата, кога станува збор за нивни џеб, полна им е устата со Европа, а кога треба да зборуваме за одговорност и кога се во опозиција, сѐ прават да не стигнеме таму – изјави Мицкоски.

Тезата дека блокадата на Изборниот законик ја спречува Македонија да напредува кон ЕУ е свесна манипулација, порачаа од СДСМ. Оттаму се децидни дека Европската Унија не бара промена на Изборниот законик по мера на една партија, туку бара кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и борба против корупцијата.

Токму тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ со години го блокира. Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија што во моментов ги турка власта, не се обврска кон Европската Унија ниту претставуваат услов за напредок во преговарачкиот процес. Ова се нивни сопствени предлози, а не европски. Тоа се решенија што отвораат простор за манипулации и контрола на изборниот процес, особено во делот на гласањето на дијаспората. Наместо да се занимаваме со тоа како да се заштити волјата на граѓаните, се врши притисок да се прифатат решенија што овозможуваат изборна кражба – порачаа од СДСМ.

Од Левица повторија дека одбивањето на СДСМ да се вклучи во опозициско обединување околу една изборна единица е свесна саботажа. Оттаму ги обвинуваат социјалдемократите за таен договор со ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, Изборниот законик да остане недопрен.

Ова е оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица. Секој од нив, преку многумандатни изборни единици нацртани со хируршка прецизност, тежнеат да ја заштитат сопствената положба и обезбедуваат пратенички места несразмерни со реалната тежина што ја имаат кај граѓаните. Секој обид Изборниот законик реално да се допре во суштината, наидува на идентична одбрана – различна по реторика, идентична по исход. ДПМНЕ игра една улога, СДСМ друга, но резултатот е секогаш ист. Опозициско обединување за една изборна единица би можело конечно да го скрши тој циклус, но СДСМ одлучи идејата да згасне уште во зародиш – реагираа од Левица.

Разидувањето за измените на Изборниот законик започнаа уште во април. СДСМ ја напушти работната група во Министерството за правда откако, и покрај предупредувањето на опозицијата, власта го укина моделот на т.н. техничката влада пред парламентарни избори, воспоставен со пржинските преговори во 2015 година за излез од тогашната политичка криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот