Јована Аврамовска со сопругот/Фото: Приватна архива

Новинарката Јована Аврамовска: Со Илин сфатив колку кратко трае периодот кога децата се бебиња

Иако е во осмиот месец од бременоста, таа и понатаму активно работи, снима нови проекти и со препознатливата позитивна енергија зборува за мајчинството, семејството и кариерата.

Авторка на емисијата „Што го врти светот“, новинарката Јована Аврамовска го живее едно од најубавите животни поглавја, го очекува своето второ дете. Иако е во осмиот месец од бременоста, таа и понатаму активно работи, снима нови проекти и со препознатливата позитивна енергија зборува за мајчинството, семејството и кариерата. Во интервјуто за „Слободен печат“ Јована открива како ја поминува втората бременост, како Илин се подготвува за улогата на постар брат, што најмногу ја воодушевува кај сопругот Предраг и зошто токму семејството останува нејзината најголема сила.

Јована Аврамовска/Фото: Приватна архива

Лето е, а ти си веќе во осмиот месец од бременоста. Како се чувствуваш и како го поминуваш овој период?

– Голема благодарност до тој што измислил клима. Пред сѐ! Широки тенки фустани се исто така одличен труднички аутфит, кој помага. Инаку, изненадувачки, не е многу топло. Мислам дека одамна сме немале толку дожд во јули. Генерално си поминувам трудно, но најдобро што може.

Ова ти е втора бременост. Дали е полесна од првата или секоја носи свои предизвици? Колку си поопуштена сега кога веќе имаш искуство?

– Искрено, исто ми е, со таа разлика што сега заборавам дека сум бремена. Работа и дружење со Илин цел ден, и некаде околу 20 часот ми текнува дека треба да легнам малку. Освен кога плачам на чудни работи, како најавната песна од „Наше маало“… знам да заборавам дека треба можеби да се грижам повеќе за себе. За среќа, моите дома не забораваат и пробуваат на секој начин да ме разгалат.

Јована Авромовска бремена/Фото: Приватна архива

И покрај бременоста, сè уште работиш и снимаш. Од каде ја црпиш енергијата и кога планираш конечно да си дозволиш малку одмор пред породувањето?

– Пред сè, енергијата ја црпам од тоа што имам здрава бременост. Многу жени немаат можност да работат со еднаков интензитет. Енергијата ја црпам од тимот на ЗМАИ со кој и за кој е задоволство да се работи. И од чоколадите во канцеларија. Ќе се одморам на породилно како што тргнала работата. Со Илин сфатив колку кратко се бебиња нашите деца и ќе пробам најмногу што можам да уживам во тоа.

Илин наскоро ќе стане постар брат. Како ја прифати веста за бебето што треба да дојде?

– Едвај чекам да го видам тоа – братот Илин. Верувам дека тоа е најголемиот предизвик откако ќе се роди бебето, да се поддржи таа динамика меѓу нив и љубовта. Засега, веста е прифатена со забава.

Пред некое време ни кажа дека сопругот Предраг и по години брак сè уште те освојува. Сега, кога повторно минувате низ едно толку важно животно поглавје, дали има нешто што уште повеќе те воодушеви кај него како сопруг и татко?

– Сѐ ме воодушевува. Мислам дека најубавите моменти ми се тие кога ги гледам заедно со Илин. А тоа е секој ден. Како сопруг… стојам уште поцврсто на ставот од претходното интервју. Не мислев дека има нешто што не го знам за него. Да се види каков татко е човекот што го сакате е најдлабоко запознавање и за мене… Бесценето.

Јована Аврамовска со сопругот/Фото: Приватна архива

И покрај бременоста, остана активна и професионално. Колку ти значи работата во овој период? Верувам и дека ќе размислуваш кога повторно ќе им се вратиш на снимањата по породувањето?

– Работата ми значи многу, таа е дел од мене и како мајка. Има теми што сега можам подобро да ги обработам како мајка. И мотивацијата да работам на проекти што ја подобруваат Македонија како држава во која живеам и имам деца е огромна. Верувам дека работам и за нашите деца, а тие гледаат среќна мајка. Конкретно веќе снимаме два предобри формати кои ќе излезат откако ќе се породам, и многу сум задоволна како изгледа. На едниот имаме и екипа од 20 прекрасни млади луѓе што нѐ поддржуваат и се дел од приказната. А по породилното се радувам на враќањето на работа во ЗМАИ и ќе правиме уште поголеми работи.

Со доаѓањето на второто дете, семејството ќе ви се прошири, а животот повторно ќе добие нов ритам. Што е она што најмногу го очекуваш во ова ново поглавје и што посакуваш да му пренесеш на своето бебе уште од првиот ден?

– Прво сакам да му се радувам, знам дека е можеби најтешкиот период. Сум работела многу работи од својата 20 година, но гледање бебе е физички и психички најнапорно и истовремено најубаво во однос на резултатот. Планирам да го предвидам и прифатам тоа што е тешко, ама да го зграпчам силно секој убав момент. Затоа што овој пат знам дека ќе поминат сите работи што се чинат тешки, а ќе помине и фазата на мало бебенце. Би сакала на децата да им пренесеме љубов, добрина и многу смеење. Сакам дома на децата да им биде безбеден и најубав простор кога веќе светот не е секогаш таков.

Јована Аврамовска со сопругот и синот/Фото: Приватна архива

Преку „Што го врти светот“ разговараш со многу интересни луѓе. Имаше ли некој гостин или приказна што навистина те изненади, те инспирираше или ти го промени погледот на некоја работа?

– Во „Што го врти светот?“ сезонава се изненадував секој ден. И од гостите и од тимот. Кај гостите ме изненадуваат екстремите, од една страна, има луѓе на кои сум им се воодушевувала, но сфаќам дека не се тоа што мислам, дека ќе ја препознаат нашата мисија, но нивните мотиви на крај биле повеќе материјални. Од друга страна, има луѓе што ми ја враќаат вербата. Ако мора да издвојам нека тоа бидат младите што допрва доаѓаат во економијата и науката, уметноста, спортот и поп-културата. Научив од дел нив многу, и сфатив зошто токму тие што ги видовте и ќе ги видите во „Што го врти светот?” ги освојуваат световите во кои работат. Во однос на повозрасните, моите гости беа храбри и несебични во споделувањето на знаењето. Научив дека никој не е таму каде што е, случајно. Секој од нив е со работа, труд и силен пркос против сите сили што ни го буткаат духот кога пробуваме да создадеме. Кога почнавме, мислевме тешко ќе најдеме 30 гости во Македонија. Сега, по снимени над 120 епизоди имам трипати подолга листа со луѓе кои би сакала да ги видам и слушнам.

Кога ќе погледнеш на сè што си изградила досега, како мајка, сопруга и професионалец, што е она што денес најмногу те исполнува и на што си најгорда?

– Искрено луѓето. Мојата кариера досега е доста откачена и искрено сум горда на тоа. Секогаш кога ми кажувале дека нешто „не може“ се докажувало спротивното.

Од студентка што станува во 4 наутро за утринска на „Сител“, преку „Фчерашни новости“, министерство за финансии, па пак „Фчерашни“, па „Светот на Биби“, до ЗМАИ и „Што го врти светот?”

Во ЗМАИ сум дома во однос на работата. Но најгорда ме прават луѓето во мојот живот и оние со кои работам или сум работела. Научив и дека само дома сме незаменливи, дека најскапоцено е дружењето со блиските, тие што ве сакаат без разлика што сте и каде сте. Горда сум на тоа какви луѓе се сите мои најблиски. Родителството е најсилното нешто за мене и најважната улога. Колку сме добри во тоа времето ќе покаже, но тоа е целиот наш свет.

Филип Поповски за трката од Љубљана до Задар: Нашата дружина е +40, но истрчавме 400 километри за 36 часа како тим

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот