Том Круз, Роби Вилијамс и Лаура Паузини / Фото: Profimedia

Том Круз, Роби Вилијамс и Лаура Паузини меѓу ѕвездите на свеченото затворање на Светското првенство

ФИФА го објави списокот на ѕвездите кои ќе настапат на свечената церемонија пред финалето на Светското првенство 2026, што ќе се одржи на 19 јули на стадионот „МетЛајф“ во Ист Радерфорд, Њу Џерси.

Меѓу најголемите музички имиња се Џенифер Хадсон, Никол Шерцингер, Лаура Паузини и Роби Вилијамс, а специјално појавување ќе има и холивудскиот актер Том Круз. Дел од програмата ќе биде и популарниот стример АјШоуСпид.

Џенифер Хадсон, една од ретките уметници кои ја имаат престижната титула ЕГОТ (добитник на Еми, Греми, Оскар и Тони), ќе ја изведе американската химна „The Star-Spangled Banner“ пред почетокот на финалниот натпревар.

ФИФА соопшти дека преднатпреварната церемонија ќе биде посветена на патувањето на сите 48 репрезентации кои учествуваа на турнирот, спојувајќи музика, култура и фудбал во завршницата на шампионатот.

По објавувањето на веста, Никол Шерцингер на Инстаграм порача дека е благодарна што ќе биде дел од настанот.

„Благодарна сум што сум дел од ова незаборавно славење. Голема чест! Се гледаме наскоро“, напиша пејачката.


Возбудата не ја криеше ниту Лаура Паузини, која минатата година соработуваше со Роби Вилијамс на официјалната химна на ФИФА, „Desire“.

„Горда сум што еден италијански глас ќе биде дел од оваа светска прослава заедно со Роби и Никол. Со нетрпение очекувам да го споделам овој посебен момент со љубителите на фудбалот ширум светот“, напиша Паузини.


Главниот оперативен директор на Светското првенство 2026, Хајмо Ширги, истакна дека церемонијата ќе го заокружи турнирот „преку музика, култура и фудбал“, непосредно пред натпреварот кој ќе го даде новиот светски шампион.

Освен свеченото затворање, организаторите претходно најавија дека шоуто на полувремето на финалето ќе го предводат Би-ти-ес, Џастин Бибер, Мадона и Шакира, а музичкиот дел ќе биде осмислен од Крис Мартин, фронтменот на „Колдплеј“.

Во завршницата на Светското првенство останаа четири репрезентации – Аргентина, Англија, Франција и Шпанија. Финалето ќе се одигра на 19 јули, а за третото место ќе се игра ден претходно.

ВИДЕО | Мундијалски вести: Шпанија против Франција – битка на две фудбалски филозофии за место во финалето

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот