Вклада, нови министри фото: Фејсбук Африм Гаши

Навреди, пцости и спречена тепачка го засенија изборот на новите министри

Премиерот го нарече пратеникот Трајчулески „паљур на фамилијата од Струмица“, а на Фатмир Битиќи му кажа дека е „фрустриран мизоген лик“ во политиката, кој единствено ќе остане препознаен по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости. Опозициските СДСМ и ДУИ бараат санкции за Стоилковиќ, тој, пак, не се извини никому, обвини за пресметка со Србите и најави одговорност.

Навреди под секое ниво, пцости, вербална пресметка на работ да премине во физички инцидент ја одбележа собраниската седница за реконструкција на Владата. Изборот на осум нови министри со кои премиерот Христијан Мицкоски го освежи владиниот кабинет падна во втор план, бидејќи претседателот на Собранието Африм Гаши не се снајде за да ја смири вжештената ситуација. Опозицијата не доби извинување од кандидатот за министер Иван Стоилковиќ за навредите кон нив. Пратениците од власта и премиерот не смогнаа сили да се оградат од Стоилковиќ и бледо се извинија по што опозицијата ја напушти салата, за на крај премиерот Мицкоски задоцнето да им се извини на пратениците од власта, бидејќи тие од опозицијата не беа присутни. Не изостанаа ниту навреди од опозицијата кон Стоилковиќ, а тој, пак, не се извини никому, но обвини дека СДСМ и ДУИ се пресметуваат со Србите и најави одговорност.
Вака течеше собраниската седница на која вчера беа разрешени осуммина министри и избрани нивни наследници.

Митко Трајчулески Фото: Слободан Ѓуриќ/Слободен печат

Ситуацијата ја вжештија говорите на пратениците од СДСМ Фатмир Битиќи и Митко Трајчулески. Трајчулески обвини дека меѓу предложените министри има личности кои, според него, се поврзуваат со концептите на „српски“ и „руски свет“.

– Очекувано е назначувањето на Иван Стоилковиќ за министер за локална самоуправа со што „српскиот свет“ во Македонија добива позиција губернатор на 80 македонски општини – рече Трајчулески.

Осврнувајќи се на кандидатот за министер за земјоделство Борче Серафимовски, пратеникот рече дека тој бил дел од јубилејното десетто собрание на фондацијата „Руски мир“, организација основана со указ на рускиот претседател Владимир Путин во 2007 година.
На ова реагираше премиерот Мицкоски, кој ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со, како што рече, наводите за „српски свет“ и го обвини СДСМ за двојни аршини во односите со Стоилковиќ додека биле на власт.

– Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоилковиќ? Е, оваа влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате нему и на Владата што ја предводам јас – рече Мицкоски.

112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Премиерот го нарече Трајчулески „паљур на фамилијата од Струмица“, а на пратеникот Фатмир Битиќи му кажа дека е „фрустриран мизоген лик“ во политиката, кој единствено ќе остане препознаен по тоа што најчесто својата етничка припадност ја користи за да ги покрие своите слабости.
Гаши не го опомена Мицкоски, по што реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски.

– Процедуралното е за вас. Поминаа сите граници на вкус во обраќањето кон пратениците од страна на претседателот на Владата и мислам дека колку што важи етичкиот кодекс за пратениците, треба да важи и за сите оние што се гости во законодавниот дом – рече Спасовски и побара пауза.

Седницата повеќепати беше прекинувана со паузи за да се смират страстите, но ситуацијата ескалираше надвор од пленарната сала. Според пратеници од СДСМ и од ДУИ, Стоилковиќ во просторот пред пленарната сала за влакно фалело физички да се пресмета со Битиќи и со Трајчулески, ги навредувал, пцуел и им се заканувал. Тогаш се вмешале пратеници од СДСМ за да не дојде до физичка пресметка.
Координаторката на ДУИ Рина Ајдари побара одговорност од Гаши бидејќи тој не реагирал.

Рина Ајдари Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Вие сте одговорен за чување на редот во салата бидејќи ова е дом на пратениците и треба да има правила. Неприфатливо е пратеник да биде навреден од обичен граѓанин оти тој сè уште не е избран за министер. Бараме Стоилковиќ да не биде во иста сала со претставниците на народот. Министерот во најава употребува говор на омраза кон пратениците што е неприфатливо – рече Ајдари.

Пратеничката група на СДСМ по инцидентот одржа вонредна прес-конференција.

– Навредите што денеска беа упатени кон Битиќи и Трајчулески не е напад што се случува првпат, но тоа веќе претставува говор на омраза што сигурно дека може да роди насилство. Тоа што следуваше по прекинувањето на седницата беше вистински напад, не само вербален, кога Стоилковиќ се нафрли врз пратениците физички, вербално и со пцости. Особено ме загрижува молчењето на Гаши, кој не реагираше – рече Спасовски.

И тој побара седницата да прекине, но Гаши одговори дека не гледа причина да го стори тоа.
Пратениците на ДУИ побараа извинување и од Гаши и од Стоилковиќ. На една од паузите се случил нов инцидент во Клубот на пратениците. Таму пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли кога видела дека и Стоилковиќ е таму, побарала тој да излезе. Стоилковиќ ѝ рекол да „шета во Дебар“ и тогаш рипнал пратеникот Талат Џафери, но други пратеници од ДУИ и од СДСМ се стрчале за да не дојде до тепачка.

Оливер Спасовски Фото: Принтскрин

Во пленарната сала, пак, пратеникот на Алијанса за Албанците Ријад Шаќири од говорница рече дека како резултат на инцидентот во Собранието со Стоилковиќ, реагирале во согласност со неговото однесување и дека го бранеле достоинството на институцијата.

– Секоја провокација или изјава што ги нарушува вредностите на соживот и меѓусебното почитување, ќе добие заслужен политички и институционален одговор од наша страна. Нема да толерираме провокации. Ти си целосен идиот. Ти си идиот на квадрат – му рече Шаќири на Стоилковиќ.

Откако пратениците и по координацијата со Гаши не добија извинување, СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Албанска лига ја напуштија седницата. Спасовски рече дека не може да биде најважна работа на владиното мнозинство да се газат пратениците. Тој додаде дека СДСМ ќе преиспита како ќе учествува во работата на Собранието.
Премиерот Мицкоски на крај на седницата за избор на новите министри им се извини на пратениците, но во салата присутни беа само тие од власта.

– Како претседател на Владата, сакам да ви се извинам вам, на пратениците и на граѓаните што денеска бевме сведоци на овие настани и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да ни се повтори – рече Мицкоски.

112-та седница За реконструкција на Владата - Фото Слободен печат - Методи Здравев
112-та седница За реконструкција на Владата – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Стоилковиќ преку Фејсбук обвини дека загрижувачки се размерите на политичката пресметка на СДСМ и ДУИ кои врз негов грб се пресметуваат со Србите во Македонија.

– По низа небулози изнесени од ДУИ и нивните сателити од СДСМ кои кулминираа при изборот на нови министри во Владата, имавме можност да слушнеме фашистичка реторика речиси од сите говорници на опозицијата. За СДСМ спорно е учеството на ДПСМ во власта и за нив, по можност, исто како и за ДУИ, пожелно е Србите да не постојат во Македонија за да можат на раат да функционираат во државата што со нивните политики ја руинираа, политички, уставно, законски, институционално и на секој начин – напиша Стоилковиќ.

Тој обвини дека опозицијата разгорува омраза и ксенофобија, малтретира, дискриминира, дека тоа се кривични дела за кои ќе следува реакција.

Реакциите на опозициските партии за инцидентот продолжија и денес. Лидерот на СДСМ Венко Филипче за реконструкцијата на Владата рече дека и ревидираната верзија е целосно неспособна и нема да се справи со проблемите на граѓаните.

Венко Филипче Фото: Партија

– Кога нема резултати и решенија, Мицкоски ги навредува и им се заканува на пратениците. Вчера направи хаос за да ја прикрие сопствената неспособност и се обидува да создаде алиби за предвремени избори. Ова не е негово ново однесување, граѓаните ги нарекува талог на општеството, глодари, медиокритети, мекотели, а сега со погрдни зборови почна да ги навредува и пратениците. Тоа ли е професор, премиер? Ова е срам за функцијата, за универзитетите, за граѓаните, за Собранието и за државата – рече Филипче.

Според него, нема оправдување за спуштањето на комуникацијата на недолично ниво.

– Привидно се извини во празна сала кога опозициските пратеници ја напуштија. Едно срамежливо и изнудено извинете, но тоа не може да ги избрише навредите. Вистинско извинување е признавање на грешката и санкции за Иван Стоилковиќ – рече Филипче и повтори дека никој не му се плаши на Мицкоски.

Изнудено „извинете“ во празна сала не ги брише навредите на Мицкоски кон граѓаните, велат од СДСМ

ДУИ реагира дека за нив е неприфатлив вербалниот напад на Стоилковиќ врз пратеничката Пашоли.

Арбана Пашоли Фото: Принтскрин

– Ова е неприфатливо, ненормално и несомнено навредливо однесување, не само кон Арбана, туку кон сите албански мајки, жени, ќерки и девојки. Вербалниот напад не е случаен инцидент. Тој е вистински одраз на политичкиот менталитет што денес го претставува Владата на ВМРО-ДПМНЕ – Вреди – ЗНАМ, менталитет што навредува, понижува и ги напаѓа легитимните претставници на Албанците, а за партнери ги избира оние што немаат легитимитет, немаат глас и немаат достоинство – велат од ДУИ и бараат политичка одговорност.

Собранието синоќа ги избра новите министри.За нов министер за правда е избран Јетон Шасивари, за земјоделство, Борче Серафимовски, за односи меѓу заедниците Агон Ферати, за здравство Сашо Клековски за култура Седат Сулејмани за социјална политика Ѓоко Велковски за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ, а министер без ресор е Ерџан Демир.

Мицкоски испофали осуммина министри, па ги смени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот