Десеткатница во Аеродром/ Фото: Приватна архива

Купиле станови, а живеат под кирија — изградба на десеткатница во Аеродром трае веќе пет години и не се знае кога ќе заврши

Инвеститор на зградата што се гради веднаш до поликлиниката „Јане Сандански“ е фирмата „Бауер БГ“ , од каде што до овој момент нема одговор на прашањата зошто повеќе од две години доцни завршувањето на објектот и кога во него би можеле да се вселат сопствениците на становите.

Илјадници граѓани на Скопје имаат проблем да се вселат навреме во становите што ги платиле уште пред неколку години затоа што изведувачите доцнат со завршувањето на објектите и покрај рокот зацртан во преддоговорите.

Во некои од новоизградените згради со години се чека технички прием и имотни листови, некаде, пак, објектите никако да стигнат до технички прием затоа што нема лифтови, потстаници, не се довршени подземните гаражи или нема приклучоци на вода и парно.

Притоа, сопствениците на станови немаат ни кому да се пожалат од несовесните инвеститори, кои истовремено започнуваат да градат згради и на други локации иако имаат недостиг на работници, затоа што законот им дозволува да ја завршат изградбата во рок од десет години откако ја започнале. А кога законите се на страна на инвеститорите, тогаш во практика излегува дека залудно се склучуваат преддоговорите, бидејќи купувачите повторно не се заштитени.

Еден таков пример е десеткатницата што се гради во Аеродром, веднаш до поликлиниката „Јане Сандански“, чиј инвеститор е „Бауер БГ“. Во неа треба да се вселат околу 80 домаќинства откако конечно ќе заврши изградбата што трае веќе пет години, од кои две години како е надминат рокот за примопредавање на становите.

Десеткатница во Аеродром/ Фото: Сопственици на станови

Група сопственици на станови што се обратија во нашата редакција велат дека во преддоговорот како рок за завршување на зградата е прецизиран декември 2023 година. Оттогаш досега се изминати две и пол години, а како што велат, објектот сѐ уште не е до никаде.

Последна комуникација со газдите имавме во јануари, тогаш се собраа група станари и им беше објаснето дека динамиката на работа ќе се зголеми и дека зградата ќе биде готова до 17 јули годинава. Тоа е за неколку дена, а тие апсолутно не се до никаде со работата, ниту една фаза предвидена во динамичниот план не е комплетирана. Нивен изговор е дека се работи на зградата. Точно е дека работат, но со тројца-четворица работници не се завршува таков габаритен објект – велат идните станари на оваа зграда.

Граѓаните немоќни пред инвеститорот — две и пол години чекаат технички прием и вселување во нова зграда во Маџир Маало

Тие додаваат дека уште од мај бараат повторно средба со „Бауер БГ“, доставиле и писмено барање, но дека и тоа го игнорираат, па се доведени во безизлезна состојба.

Дел од сопствениците на станови во новата зграда се оние што ги поседувале старите воени бараки што биле урнати. Според граѓаните со кои разговаравме, ним инвеститорот им доцни за кирија веќе десет месеци, поради што се сомневаат дека фирмата е во потешка финансиска состојба.

Две години жители на Александрија живеат во зграда без употребна дозвола – инвеститорот вели: Прво парно, па технички прием

Во планот за динамика на работите што треба да се завршат во зградата, а што им бил доставен на станарите на средбата во јануари се наведени сите активности со рокови за завршување, какви што се, на пример, довршување на фасада до крајот на март, поставување лифтови во април, потоа молерски работи од 4-10 кат, подови, влезни врати, плочки и електрика требало да се завршат до 15 јуни, а до 15 јули да биде монтирана и приклучена потстаницата за парно греење.

Но, станарите тврдат дека ништо од тоа што е зацртано на хартија како план, не е спроведено на терен и стравуваат дека со оваа динамика на работа уште во следните две години зградата нема да се заврши

Немаат долепено плочки, скали, гаражите не се завршени, фасадата треба да е завршена, но од не знам која причина скелињата сè уште не се тргнати, не е завршена целосна инсталација, значи зградата треба да се поврзе со вода и струја. Исто така, треба да се поврзе со парно греење, радијатори не се инсталирани, санитарија во бањите сè уште не е почната, врати има само на првите два ката, од лифтови абер нема. Тоа е воена зона кога ќе влезете, ништо не е завршено од она што е почнато – објаснуваат купувачите на станови во зградата во Аеродром.

Како што тврдат тие, ситуацијата им е навистина тешка, затоа што повеќето од нив истовремено отплаќаат кредит за станот и плаќаат кирија, и не знаат уште колку долго ќе трае тоа.

Рокот одамна пробиен, а дел од становите во „Порта супериум“ се недовршени и немаат имотни листови

За обвинувањата на сопствениците се обидовме да добиеме објаснување од „Бауер БГ“, но досега сите наши прашања останаа без одговор. Меѓу нив и најважните – зошто доцни работата и вистина ли е дека во зграда со толкав габарит работат секојдневно само по 3-4 работници, зошто избегнуваат средба со граѓаните и дали имаат некој реален рок за завршување на зградата.

Инаку, како што претходно пишуваше „Слободен печат“, во слична ситуација се станари од повеќе згради на различни локации во Скопје, кои ги градат различни фирми.

На пример, повеќемина од сопствениците на станови во новата зграда на улица „Преспанска“ во Маџир Маало поднеле тужби против инвеститорот „Декон-ком“ за побарување отштета, затоа што, како што тврдат, веќе две и пол години по предвидениот рок во преддоговорите, не им е овозможено да се вселат во своите нови домови.

Две години чекаат да им се изградат и веќе исплатените станови на купувачите во една од зградите во комплексот „Порта супериум“ во Аеродром, сместен на булеварот „Трета македонска бригада“, кои според договорите со инвеститорот „Порта инженеринг“, требало да бидат готови до септември 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот