Две години жители на Александрија живеат во зграда без употребна дозвола – инвеститорот вели: Прво парно, па технички прием
Ако инвеститорот вика „еве ви ги клучевите, вселете се“, очекувавме дека фирма како „Фабрика Карпош“ што работи над 70 години, точно знае дали смее тоа да го направи или не. Притоа, Општината не може да се изземе од одговорност да реагира кога граѓаните пријавуваат неправилности при пуштање објект во употреба, објаснуваат станарите
Станари во зграда во населбата Александрија повеќе од две години живеат во објект во кој не е направен технички прием, па поради тоа немаат ниту имотни листови. Уште во мај 2023 година почнало примопредавањето на клучевите од становите, а потоа откако станарите се вселиле, продолжиле завршните работи, кои сѐ уште траат.
Препорачано
Станува збор за зградата 5.3, но како што велат жителите во иста состојба се и луѓето што живеат во зградата 5.4, чии инвеститор е „Фабрика Карпош“ АД Скопје, која на овој простор освен овие две има уште четири згради, од кои две се во фаза на изградба.
Луѓето се загрижени за својата безбедност и за техничката исправност на зградата, а за својот проблем се во постојан контакт со инвеститорот, но се обратиле и во Општина Ѓорче Петров и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, но засега без некој голем ефект. Единствено од Инспекторатот деновиве добиле допис дека е испратена ургенција до Општина Ѓорче Петров да постапат во согласност со надлежностите.

Од „Фабрика Карпош“ АД Скопје, пак, не одговараат на прашањето како е извршено примопредавање на становите и како се вселиле сопствениците без извршен технички прием.
Сите објекти, вклучувајќи ги и објектите 5.3 и 5.4, поседуваат целосна и уредна документација во согласност со сите градежни регулативи со одобрение за градба. При изградбата се користени висококвалитетни материјали, а пред започнување на користење на становите, извршени се сите потребни испитувања и добиени се позитивни мислења од надлежните институции: Техничка сигурност, ИЗИИС, ЕВН, Водовод и канализација, како и проверки на лифтовите и други системи. Целокупниот технички прием ќе биде извршен и по завршување на инсталацијата за парно греење. До тој момент, остануваме во редовна комуникација со нашите клиенти и ќе продолжиме транспарентно да ги информираме за сите тековни активности – велат од Друштвото.
Но, станарите што се обратија во редакцијата на „Слободен печат“ и кои за своите тврдења ни доставија документи, дописи и преписки, тврдат дека од „Фабрика Карпош“ ги информирале дека ќе се направи уште едно тестирање под притисок на противпожарните врати, а потоа ќе има технички прием, а не откако ќе се инсталира парното. Исто така, во однос на проверките велат дека доколку се направени, направени се отпосле, откако се вселени.
Не знаеме како е проверено, но сите тие проверки не се направени пред луѓето да се вселат туку отпосле. Примопредавање започна во мај 2023, вода имаше, а во август дури пуштија струја, вентилацијата ја пуштија пред неколку месеци, противпожарниот систем го тестираа исто така откако сме вселени, некаде во мај 2025, а пред тоа две години веќе живеевме во зградата – велат станарите.

Тие посочуваат дека сѐ уште во зградата нема парно, туку само инсталација за парно, па дека две зими се греат со клими и греалки.
Општина Ѓорче Петров годинава дури во јули најави дека започнува подготовка за реализација на нова топловодна мрежа, во вредност од 40 милиони денари, која ја гради ЕСМ – Дистрибуција на топлина и дека со овој зафат над 1000 станови во населбата Александрија ќе добијат можност да се приклучат на мрежата за централно греење.
Инсталација постои, но топловодот сега го прават. Ако планот постои со години и е дадена дозвола за градба, проектот со топловодот доцни најмалку пет години, затоа што кога се прави зграда, треба да има целосна инсталација, улично осветлување, пристапна улица, водовод, канализација, сите приклучоци да постојат и отпосле да дадат дозволи за градба. Замислете, Општината нè извести дека за нашата зграда нема техничка можност да ни стават улично светло, што е еднакво на катастрофа, иако во ДУП тука е предвидена зграда и дале дозвола да се изгради – реагираат станарите.

Тие објаснуваат дека откако е направено примопредавање на клучевите, инвеститорот инсистирал зградата да има управител за да може да се одржува зградата и за таа цел се направени неколку официјални примопредавања во однос на лифт, пумпи и слично што управителот треба да ги одржува.
На пример, големиот лифт го инсталираа во декември 2023, а во март 2024 прекинато е со одржување на лифтот затоа што сметаа дека ние треба да си го преземеме тоа преку управител. Тоа преземање не се случи и ние неколку месеци немавме одржување на лифтот, за повторно да го обновиме со нов управител во август 2024. Фактички тие ги трансферираа сите одговорности на зградата, за одржување, за броилата, а притоа не ја завршуваат зградата – тврдат жителите на зградата 5.3 на улицата Архиепископ Доситеј број 14 во населба Александрија.
На прашањето до „Фабрика Карпош“ дали станарите имаат причина за загриженост и дали е вистина дека не ги исполнуваат договорените обврски, оттаму велат дека во населбата Александрија досега сите изградени објекти имаат уредна документација, технички прием и имотни листови.
Што се однесува на објектите 5.3 и 5.4, тие се меѓу поновите згради во населбата Александрија, каде што се изведува и нова инфраструктура – водоводна, канализациска и за топлификација – кои претходно не постоеле. Поради обемната инфраструктурна обнова, дел од административните постапки природно траат нешто подолго од вообичаено. Во моментов се изведуваат приклучоците за системот на ЕСМ, со што ќе се овозможи сите објекти да бидат целосно поврзани на новата мрежа – објаснуваат оттаму и истакнуваат дека нема простор за загриженост.
Од Општина Ѓорче Петров, пак, објаснуваат дека за објектите во Александрија, постапката за технички прием и издавање употребна дозвола се спроведува во согласност со Законот за градење од страна на инвеститорот, врз основа на спроведен технички преглед од овластена комисија и доставена комплетна документација.

Оттаму нагласуваат дека сите надлежности во делот на издавање одобрение за градење се спроведени во законски утврдена постапка, а дека барање за технички прием на објект поднесува инвеститорот, со комплетна документација, која по спроведената постапка Општината ја проследува до Агенцијата за катастар на недвижности за упис на објектот.
Сѐ додека инвеститорот не поднесе барање за технички прием и упис на објект, Општината нема законска основа за постапување. Закoнска обврска на инвеститорот е објектот да го запише во рок од 10 години од денот на правосилноста на одобрението за градење. Во конкретниот случај, тој рок сѐ уште не е истечен – одговараат од Општината на прашањето дали ќе преземат нешто да им се помогне на граѓаните што две години живеат во зграда што нема технички прием.
Во однос на сите забелешки што ги имаат станарите, од Ѓорче Петров објаснуваат дека не се во нивна надлежност, туку треба да се адресираат директно до инвеститорот.
Притоа, сопствениците што се вселиле пред издавање употребна дозвола, тоа го направиле на сопствена одговорност, имајќи предвид дека објектот без технички прием формално не е ставен во употреба. Правата од купопродажниот однос можеле и можат да ги остварат преку правен пат, врз основа на потпишаниот преддоговор и роковите утврдени во него, доколку инвеститорот не ги испочитувал своите обврски – велат од Општината, сосема оградувајќи се од проблемот со кој се соочуваат овие жители.
Тие пак објаснуваат дека кога им ги предавале клучевите, не им било јасно кажано дека во објектот не е извршен технички прием, но и да влегле на сопствена одговорност, како што велат, Општината мора да реагира ако инвеститорот не го испочитувал законот.
Ако инвеститорот вика „еве ви ги клучевите, вселете се“, очекувавме дека фирма како „Фабрика Карпош“ што работи над 70 години, точно знае дали смее тоа да го направи или не. Ако Општината не презема нешто за инвеститорите да ги почитуваат правилата за домување, тогаш тоа станува симптоматично. Притоа, Општината не може да се изземе од одговорност да реагира кога граѓаните пријавуваат неправилности при пуштање објект во употреба. Инвеститорот по ниеден закон не смее да го пушти објектот во употреба и ако тоа го пријави станар, без разлика дали влегол на своја одговорност, Општината е должна да реагира соодветно и да го санкционира инвеститорот – децидни се станарите.


