Купувачи на станови во зграда во Аеродром се загрижени, инвеститорот смирува дека изградбата не е запрена
Граѓаните тврдат дека девет месеци не се работи на објектот, а инвеститорот „Фабрика Карпош“ уверува дека изградбата тече, дека работите се во завршна фаза и финализацијата на проектот ќе биде реализирана во најбрз можен рок
Речиси година и пол купувачи на станови чекаат да се вселат во зграда во Аеродром, која според договорот требало да биде завршена до средината на 2024 година. Како што објаснуваат во писмото упатено до медиумите, станува збор за објект со 200 стана, најголем дел од нив уплатени уште во 2022 година додека зградата била карабина.
Препорачано
Инвеститор на комплексот „Карпош унија“, лоциран на улицата Пандил Шишков, е „Фабрика Карпош“ АД Скопје, но според граѓаните, тие немаат никаква комуникација со нив и не можат да добијат информација што се случува со изградбата.
Повеќето ги имаме уплатено становите 90 отсто однапред. Зградата е составена од два блока, А и Б, со два засебни влеза. Едниот блок е речиси готов, меѓутоа другиот блок е далеку од готов, нема подови, врати, санитарии, лифт. И покрај тоа што поминаа повеќе од три години од првите уплати, зградата сè уште не е завршена и не е ставена во употреба. Особено загрижувачки е фактот што во последните девет месеци евидентен е целосен застој во градежните активности, нема никакво видливо напредување, работниците се повлечени, а комуникацијата со инвеститорот е речиси невозможна – тврдат идните станари.
Тие се загрижени и поради тоа што преостанатите слободни станови не се огласени за продажба никаде на социјални медиуми ниту, пак, на веб-страницата на инвеститорот, дека не постои проектот, нема фотографија од објектот, а сѐ што било објавено претходно во врска со оваа зграда сега било избришано. Сето тоа кај нив создава страв и недоверба и чувство, како што велат во писмото, дека се измамени, изманипулирани и оставени без никаква заштита.
Повеќето од нас се наоѓаме во двојно оптоварувачка финансиска ситуација – плаќаме кредити за станови во кои не можеме да живееме, а воедно мораме да покриваме и трошоци за кирија или за алтернативно сместување. Дополнителна отежната околност е и константното покачување на цената за квадрат, што не ни дава можност да си ги побараме уплатените пари назад (опција што постои во договорот), затоа што со сумата што сме ја уплатиле тогаш, денес би можеле да купиме станови со двојно помала квадратура – објаснуваат граѓаните во писмото до медиумите.

Тие бараат итна и транспарентна реакција од надлежните институции и го повикуваат инвеститорот јавно да се произнесе за причините за застојот и да даде реален рок за завршување на објектот.
За сите прашања на идните станари во комплексот во Аеродром, како и за тоа поради кои причини се запрени работите на објектот и кога ќе биде завршен, но и дали граѓаните имаат причина за загриженост, со оглед на фактот дека во меѓувреме е значително зголемена цената на квадрат станбена површина, одговори побаравме од „Фабрика Карпош“. Оттаму смируваат и велат дека изградбата не е запрена.
Ве информираме дека изградбата на станбениот објект во населба Аеродром, кој го изведува нашата ќерка-фирма „Карпош Унија“, се одвива континуирано и во ниту еден момент не била запрена. Станува збор за комплексен проект што опфаќа 200 станбени единици, каде што реалниот рок за изведба според обемот на работите изнесува помеѓу 36 и 40 месеци. И покрај предизвиците што се јавуваат во завршните фази, работите се одвиваат без прекин. На самото градилиште постојано е присутен градежен инженер со полно работно време, има ангажирано обезбедување и механизација, а сите материјали потребни за довршување на објектот се веќе доставени на локација и подготвени за монтажа. Воедно се работи и на чистење на становите – велат од фирмата, за што како доказ во нашата редакција испратија и повеќе фотографии од внатрешноста на становите.

Оттаму додаваат дека објектот е приклучен на градскиот водовод и веќе е поврзан и под напон од страна на ЕВН, кои веќе почнале и со монтажа на електрични броила во двата влеза.
Во однос на тврдењето на станарите дека нема објави за продажба на станови во објектот, од „Фабрика Карпош“ велат дека сите станови во објектот се одамна продадени.
Ние сме истите инвеститори што ја спасија првата фаза од овој објект и со тоа спасивме 95 семејства да си ги добијат становите што ги платиле во фирмата „Акчелик градба“. Простор за паника или загриженост во однос на завршувањето на објектот не постои. Работите се во завршна фаза и финализацијата на проектот ќе биде реализирана во најбрз можен рок – тврди фирмата инвеститор.
Тие негираат и дека немаат комуникација со станарите, напротив, како што велат, комуникацијата со станарите отсекогаш била отворена и непречена и дека на сите овие прашања, веќе им одговориле на станарите.
Сите овие одговори беа презентирани пред група од претставници на станарите, а веќе е договорен и следниот состанок – велат од „Фабрика Карпош“ АД Скопје.


