Прифатена е иницијативата за улицата „Димо Хаџи Димов“ во Кисела Вода да се поврзе со кружниот тек пред Припор
На последната седница на Советот на Општина Кисела Вода, советниците едногласно ја изгласаа иницијативата за меѓуопштинска соработка со Град Скопје, преку која Градот ќе започне со реализација на проект за продолжување на улицата „Димо Хаџи Димов“ и нејзино пробивање до кружниот тек кај познатата „последна 24-ка“ на улицата „Христо Татарчев“, која води кон Припор.
Препорачано
Од локалната самоуправа соопштија дека со поврзување на овие две сообраќајници, значително ќе се олесни сообраќајот и секојдневниот метеж кај семафорите кај бензиската „Макпетрол“, позната како „Мечкаров“.
„Со пробивањето на улицата „Димо Хаџи Димов“ и поврзувањето со кружниот тек кај Припор, директно се решава еден од клучните сообраќајни проблеми во овој реон. Соработката со Град Скопје е од суштинско значење кога работиме на вака големи и значајни инфраструктурни зафати кои го олеснуваат секојдневното движење на жителите во нашата општина. Наскоро овозможуваме почеток на реализацијата на овој проект и на терен, со што покажуваме дека сме целосно фокусирани на реални решенија кои значат подобра и пофункционална Кисела Вода“, се вели во соопштението на градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.


