Британска војска / Фото: Профимедиа

Британски војници измачувале авганистански затвореници и убивале цивили „за забава“, покажува истрага

Британските специјални сили се најдоа под лупа на истрага по сведоштва за наводни злоупотреби во Авганистан, вклучително и малтретирање затвореници и егзекуции на цивили, објави „Дикласифајд УК“.

Сведоштвата утрово беа објавени во рамки на истрагата предводена од судија, формирана по деталните извештаи за убиства на невооружени цивили извршени од војници на Специјалната воздушна служба (САС) за време на ноќни рации.

Еден припадник на специјалните сили изјавил дека војниците ставале авганистански и ирачки затвореници на виљушкари и потоа ги возеле додека не паднат.

„Тоа го правеле за забава – нагло кочеле за тие да паднат“, изјавила една од сведоците, пренесувајќи што ѝ било кажано.

Според истрагата, припадниците на специјалните сили често пиеле алкохол, иако тоа е забрането.

Вообичаените правила, вклучително и почитувањето на чиновите и „придржувањето до правилата за облекување“, исто така биле игнорирани од САС, која била одвоена од остатокот на британската армија.

„Надвор од контрола“

Во сведочењето кое првично било дадено зад затворени врати, поранешниот армиски офицер Кристофер Грин изјавил дека САС била под команден синџир кој „не придавал исто значење на моралниот аспект во начинот на кој се води војната“.

Тој рекол дека САС изгледала како да е „надвор од контрола“, користејќи ја „културата на исклучителност“, додека него го нарекувале „извинувач кој ги сака талибанците“, на кого не може да му се верува и кој немал овластување да им се спротивстави на елитните специјални сили.

Тој добил наредба од висок армиски командант во авганистанската провинција Хелманд да престане да ги преиспитува тактиките на САС.

Грин, кој станал свиркач по службата во Авганистан во 2012 година и подоцна дал изјава пред воената полиција, рекол дека правилата што важеле за остатокот од армијата при спроведување воени операции не важеле и за САС.

Стармер: Британските војници во Украина би можеле да бидат обвинети за кршење на човековите права

Во обидите да се прикријат доказите, на Грин не му бил дозволен пристап до видео записи од операциите на специјалните сили. Тој тоа го опишал како „признание за вина“.

„Она што би сакал да го видам е британската армија, која ги губи војните повеќе од 20 години, повторно да стане организација која победува, наместо организација која губи“, рекол тој на крајот од сведочењето.

Листи за ликвидација

Грин се осврнал на ноќната рација на САС во село во Хелманд во 2012 година, кога биле убиени тројца млади мажи, опишани како невини земјоделци.

Британското Министерство за одбрана подоцна ѝ исплатило на нивната мајка, Бебе Хазрата, повеќе од 4.200 евра.

Министерството соопштило дека парите не биле „отштета“, туку „помош“ за „смирување на локалната атмосфера“.

Истрагата слушна дека британските специјални сили составувале „листи за ликвидација“ и спроведувале ноќни рации, при што понекогаш егзекутирале невооружени Авганистанци додека спиеле и поставувале „лажно оружје“ покрај нивните тела за да ги оправдаат убиствата.

Меѓу повеќето извештаи за САС, „Дикласифајд УК“ објави дека висок офицер на британските специјални сили предупредил дека неприфаќањето одговорност за криминалното однесување на САС во Авганистан – вклучително и пукање во мали деца додека спиеле – може да доведе полкот да „потоне во канализацијата“ и да се изедначи со деспотски режими.

Меѓу доказите е и изјавата на Моника Гренфел, која сведочела за „груби и дивјачки“ и расистички коментари што ги слушала додека работела во центарот за обука на САС во Херефордшир.

Токму Гренфел изјавила дека од припадник на специјалните сили дознала за затворениците во Ирак и во Авганистан кои биле возени на вилушкари.

Опишувајќи ја атмосферата како „разорна“, таа рекла дека САС се претставувала како „браќа по оружје“, но дека реалноста била далеку од тоа, бидејќи двете главни единици во рамки на полкот „се мразеле меѓу себе“.

Британските војници кои дивееја нема да одговараат во земјава, таков е договорот со НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот