Судскиот совет избра шест нови судии во Апелациониот суд Штип и еден судија во Вишиот управен суд
Судскиот совет на денешната 549. седница го избра поранешниот претседател на Советот, Сашко Георгиев, за судија на Апелациониот суд Штип. Советот избра уште петмина судии во Апелациониот суд Штип и една судијка во Вишиот управен суд.
Препорачано
Во граѓанската област за судии во Апелациониот суд Штип се избрани Маја Џорлева, Александар Цацков и Мери Гичева, сите досегашни судии во Основниот суд Штип.
Во кривичната област, покрај Георгиев, избрани се и Цона Каламерникова, судија во Основниот суд Струмица, како и Јулијана Неткова, судијка во Основниот суд Штип.
За судија на Вишиот управен суд е избрана Едита Насковска, досегашен судија во Управниот суд.
На седницата беше усвоен и записникот од 544. седница на Судскиот совет, одржана на 20 мај годинава.
Точката која се однесува на одлучување по барање за право на надоместок на трошоци поврзани со вршењето на судиската функција беше одложена за наредна седница, со образложение дека претходно треба да ја разгледа Судско-буџетскиот совет.
По паузата, седницата треба да продолжи со разгледување и усвојување на извештај по огласот за избор на судија во Основниот суд Струга, како и со расправа по повеќе претставки и поплаки поднесени од граѓани и правни лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.


