САД исплатиле 81 милијарда долари од царините на Трамп откако Врховниот суд ги прогласи за нелегални
Владата на САД веќе врати десетици милијарди долари од царини што ги собра, пред Врховниот суд да ги прогласи за нелегални, покажуваат бројките од буџетот објавени вчера. Царините се клучен дел од економската политика на претседателот Доналд Трамп откако тој ја презеде функцијата минатата година, но судот поништи голем дел од нив во февруари, објавува „Гардијан“.
Препорачано
Според бројките, САД исплатиле 81 милијарда долари поврат на царини во тековната фискална година, која започна во октомври 2025 година. За споредба, само 5 милијарди долари беа исплатени во истиот период минатата година. Службеник на Министерството за финансии им потврди на новинарите дека огромниот скок речиси целосно се должи на одлуката на Врховниот суд. Тој додаде дека поголемиот дел од повратите се извршени во мај и јуни.
Трамп ги претстави царините како решение за сите економски проблеми – од враќањето на производството во Америка и склучувањето подобри трговски договори, па сè до намалувањето на дефицитот на федералниот буџет.
Но, буџетскиот дефицит, кој малку се намали минатата година благодарение на даночните приходи, сега повторно расте. Во првите девет месеци од фискалната година, тој достигна 1,367 трилиони долари, што е зголемување од 2 проценти.
И другите трошоци се зголемија. Соединетите Американски Држави потрошија повеќе од 1 трилион долари само за камати на својот долг, што е зголемување од 14 проценти, додека воените трошоци се зголемија за 5 проценти поради војната на Блискиот Исток.
Сегашната привремена глобална царина на администрацијата од 10 проценти истекува на 24 јули. Сепак, Белата куќа веќе подготвува нови давачки, наведувајќи слаба примена на законите против принудна работа и вишок индустриски капацитет во други земји.


