Австрија им става рампа на социјалните мрежи за децата под 14 години
Австрија ги привршува подготовките за закон со кој на децата под 14 години ќе им се забрани користење на социјалните мрежи и не сака да го чека европското решение, додека Европската комисија по летото ќе претстави предлог за заеднички правила во ЕУ.
Австрија е сè поблиску до усвојување закон со кој на децата помлади од 14 години ќе им биде забрането користење на социјалните мрежи. Додека Европската комисија работи на единствено решение за сите земји членки, австриската влада сака да реагира побрзо и да воведе национални правила пред да биде постигнат европски договор. Властите сметаат дека децата се изложени на сè поголем број штетни содржини на интернет, како и на психолошки притисок, говор на омраза, насилство и дезинформации. Затоа коалициската влада ги привршува последните усогласувања околу законскиот предлог, кој треба да биде испратен на јавна расправа во текот на летото. Доколку процедурата се одвива според планот, новите правила би почнале да се применуваат co почетокот на 2027 година.
Препорачано
Австрија не сака да го чека Брисел
Прашањето за минимална возраст за користење на социјалните мрежи веќе подолго време е дел од европската политичка агенда. Експертска група формирана од Европската Унија препорача воведување минимална возраст од 13 години за отворање профили на најпопуларните платформи, оценувајќи дека сегашните механизми не обезбедуваат доволна заштита на децата и адолесцентите. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека по летото ќе биде претставен предлог за заедничка европска регулатива, која би важела за сите земји членки.
Во Европскиот парламент веќе постои поддршка за воведување вакви правила, а аргументот е дека големите дигитални платформи работат преку граници и затоа е потребен единствен пристап. Но, неколку држави сметаат дека не треба да се чека завршувањето на европската процедура. Франција од септември воведува ограничувања за малолетници под 15 години, а слични мерки најавуваат и Шпанија, Данска и Грција.
Австрија избра уште поамбициозен пристап. Владата планира забрана за користење на социјалните мрежи за сите помлади од 14 години. Од кабинетот на државниот секретар за дигитализација Александер Прел соопштуваат дека законот се наоѓа во последната фаза на политичко усогласување. Истовремено, кабинетот на вицеканцеларот Андреас Баблер потврдува дека медиумското министерство веќе го подготвило текстот и дека остануваат уште завршните договори меѓу коалициските партнери.
Проверката на возраста е најголемиот предизвик
Иако политичката согласност околу забраната е речиси постигната, најголемиот предизвик останува нејзината практична примена. Владата бара решение што ќе овозможи сигурна проверка на возраста, без истовремено да се наруши приватноста на корисниците.
Во почетната фаза се разгледуваше можност секој профил на социјалните мрежи да биде поврзан со вистинскиот идентитет на корисникот, но таа идеја подоцна беше напуштена. Наместо тоа, се бара модел во кој платформите ќе добиваат само потврда дали одредено лице ги исполнува условите за користење на услугата.
Како најизгледно решение се споменува користење на системот „ИД Аустрија“ или слична дигитална идентификација. Во таков случај корисникот би го потврдувал својот идентитет преку државен систем, а социјалната мрежа би добивала само информација дали лицето има право на пристап. На тој начин би се ограничило споделувањето на лични податоци, а истовремено би се овозможила ефикасна проверка на возраста. Австриските власти нагласуваат дека техничкото решение веќе е разработено, но за негово усвојување е потребна согласност од сите партнери во владината коалиција.
Владата очекува подобра заштита на младите
Австриската влада верува дека ограничувањето нема да биде само административна мерка, туку дел од поширока стратегија за заштита на децата во дигиталната средина. Министерот за образование Кристоф Видеркер предупреди дека училиштата сè почесто се соочуваат со последици од прекумерната употреба на социјалните мрежи. Според него, изложеноста на навредливи содржини, насилни примери, постојан притисок од врсниците и зависноста од виртуелната комуникација оставаат сериозни последици врз психичкото здравје на младите.
Покрај тоа, австриските власти предупредуваат дека преку социјалните мрежи брзо се шират лажни информации, манипулативни содржини и говор на омраза. Истражување спроведено во Австрија покажува дека голем дел од граѓаните дезинформациите на интернет ги сметаат за една од најголемите современи закани. Владата оценува дека новите правила нема целосно да ги отстранат овие проблеми, но можат значително да ја намалат изложеноста на децата на штетни содржини во најраната возраст.
Доколку законот биде усвоен според најавениот рок, Австрија ќе биде меѓу првите земји во Европската Унија што ќе воведат национална забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 14 години. Во меѓувреме, Брисел ќе продолжи со подготовката на европска регулатива, по што ќе стане појасно дали националните модели ќе бидат усогласени во единствен систем што ќе важи на ниво на целата Унија.


