Рокот одамна пробиен, а дел од становите во „Порта супериум“ се недовршени и немаат имотни листови
Станарите велат дека во зградата број „3“, која е најназад во изградбата во споредба со другите три објекти, нема ниту еден целосно готов стан, а нема ни приклучок за вода. Еден од купувачите како конкретен пример дека не се работи на зградата, наведе дека на терасата од неговиот стан од ноември има плочка што не е додадена на подот, со што таа осум месеци, како што вели, не е ни поместена.
Купувачите на станови во зградите од комплексот „Порта супериум“ во Аеродром, сместен на булеварот „Трета македонска бригада“, речиси две години чекаат да им се изградат веќе исплатените домови, кои според договорите со инвеститорот „Порта инженеринг“, требало да бидат готови до септември 2024 година.
Препорачано
Од ноември ништо не е „помрднато“
Претходно, пред осум месеци станарите јавно се пожалија за овој проблем и ја контактираа нашата реакција, која присустуваше на еден од состаноците со претставници од фирмата инвеститор, кои тогаш образложуваа како дефицитот на мајстори е причината за недовршените станови, а бавните институции се причината за неизвршениот технички прием.
Сè уште не се готови становите во „Порта супериум“, платени уште пред две години
Денес, во разговор со купувачите на станови во зградата број 3, која и тогаш беше најназад во изградбата во однос на другите, дознаваме дека ситуацијата не е драстично променета и дека тие сѐ уште се соочуваат со истите проблеми, но и истите ветувања, нови датуми и нови изговори.
– Од ноември наваму можеби само малку работите се помрднати, но ништо конкретно. Немаат работници на терен, немаат нешто променето, местото е како градилиште. Од инвеститорот само ни кажуваат нови датуми за изведба. Другите згради исто така не се завршени, но се во подобра состојба во однос на нашата. Дури и во првата зграда што ја пуштија и каде што веќе има најмногу вселени станари, висат кабли, не е докречено, лифтовите малку работат малку воопшто не, влезовите не се средени. Пристапните улици не се направени, а просторот меѓу зградите е единствено среден од шут за да не изгледа како градилиште – вели еден од купувачите за „Слободен печат“.
Како што објаснуваат тие, инвеститор на овој комплекс е фирмата „Порта инженеринг“ заедно со уште две фирми, но од минатата година трите фирми ја поделиле надлежноста за изградба на зградите, а сега за зградата бр. 3, која е во најлоша состојба, одговорна е фирмата „МКМ Експрес“.
Становите во прашина и во шут, работници ниту на видик
– Во нашата зграда сите станови се половично завршени, каде што има врати – нема санитарии, каде што има санитарии – нема радијатори, каде што има радијатори – нема врати. Секаде е половично, секаде е почнато, а никаде не е завршено. Ништо не се работи, јас конкретно на мојата тераса имам една плочка што од ноември не е додадена на подот, од ноември седи и не е ни поместена, а не па залепена – објаснува еден од купувачите за „Слободен печат“.

Купувачите истакнаа дека во зградата бр. 3 уште нема ни вода ни парно, туку само струја и поради тоа, како што велат, објектот е далеку од готов.
– Во другите три згради има и вода и струја, кај нас има струја за која тврдат дека е приклучена со решение на ЕВН, прашање е дали годинава ќе го средат парното, а вода нема. Во нашата зграда нема луѓе што живеат, единствено една осигурителна компанија користи дел од деловниот простор. Становите во другите три згради во најголем дел се предадени во владение на станарите и таму веќе си живеат луѓе, но ние сме далеку од тоа – вели купувач на стан во зграда бр. 3.
Тие повторно потенцираа дека според договорот, становите требаше да бидат готови во септември 2024 година, а на некои од купувачите, во договорот им пишува и дека становите ќе бидат готови во март, со што доцнењето е речиси две години, а во зградата бр. 3 единствено што работи е еден деловен простор.
– Мене станот ми е уплатен кон крајот на 2022 година и ми беше кажано, како и на другите купувачи, дека станот ќе биде готов до септември 2024, но тие не се ни блиску до готови. Во најголем дел, купувачите целосно ги имаат исплатено становите, додека пак помал дел се 90 отсто исплатени – изјави купувач за „Слободен печат“.
Пенали треба да има, но не се исплаќаат
Во однос на исплатата на пенали поради доцнењето, еден од купувачите на станови потенцираше дека ниту денар од пеналите не му се исплатени, но, како што вели, и да биле, веќе долго време е достигнат предвидениот максимум што е во договорот со инвеститорот.

Како што објаснуваат купувачите, според договорот, инвеститорот има обврска да исплаќа пенали во висина од 0,03 отсто од вредноста на станот за секој ден што се доцни, ама не повеќе од три проценти од вредноста на станот, со што откако ќе се постигне оваа сума, пеналите веќе не се исплаќаат.
– Тоа значи дека откако ќе исплати 3 отсто од вредноста, ние немаме што повеќе да бараме бидејќи во договорот немаме основ да бараме повеќе средства. Сепак, ние немаме добиено ниту денар од овие пенали – велат купувачите.
Во однос на доцнењето, тие велат дека единствената опција што им е преостаната е само да чекаат да поминат десет години од датумот кога инвеститорот ја добил дозволата за градба, што е законски дозволениот рок за инвеститор, со што тој си е правно осигурен и има огромен период во кој може да ја доврши зградата.
Нема ни технички прием ни имотни листови
Инвеститорот во ноември тврдеше и дека до Нова година сите станови ќе имаат имотни листови и дека ќе се направи технички прием, а денес, според информациите од купувачите, ниту еден стан нема добиено имотен лист, а на дел од нив се измерени и поголеми квадратури од оние почетните, за што купувачите треба дополнително да плаќаат за новоизмерените квадратни метри за да се оттргне хипотеката од веќе платениот стан.
– Последно, инвеститорот направи мерење на мојот стан, со што измери дека е еден до два квадрата поголем од имотниот лист, јас платив една квадратура, сега излегува дека е поголем. Јас измерив и големината е толку за колку што сум платил, но тие тврдат дека станот е поголем, тој проблем треба да се реши и јас треба да доплатам, но бидејќи ми ги немаат исплатено пеналите, сега ќе треба да се пребиеме со тие средства. Сега треба да се направи анекс на договорот со цел да се промени квадратурата, дека се пребиваме за комуналии во однос на исплатата за да немам хипотека на веќе платен стан – вели еден од сопствениците на станови.

Според купувачите, главното оправдување на инвеститорот било дека тие склучиле договор со турска компанија што не ги исполнила очекувањата и нејзините работници не работеле по планираното темпо и имало одредени нерегуларности, затоа со нив едвај го раскинале договорот, што претставувало долг процес.
Во септември ќе минат две години откако беше пробиен рокот за изградба, но како што велат купувачите, нивните станови се оставени на милост и немилост на инвеститорот, за кој единствената закана е истекувањето на рокот на дозволата за градба.


